Почнува трката за 20 места на ЕП 2028

Стартува главната квалификациска рунда за пласман на Европското првенство во 2028 година, во која 32 репрезентации ќе се борат за 20 слободни места. Паралелно со нив, домаќините Шпанија, Португалија и Швајцарија, како и актуелниот европски шампион Данска, ќе настапуваат во ЕХФ ЕУРО Купот.

Репрезентациите што се борат за пласман се поделени во осум групи со по четири селекции. Ќе играат по двокружен Раунд Робин (Round Robin) систем, односно секоја репрезентација ќе се соочи со останатите три селекции дома и на гости.

По завршувањето на шестото коло во мај 2027 година, двете најдобропласирани репрезентации од секоја група ќе обезбедат директен пласман на ЕП. Останатите четири места ќе ги пополнат четирите најдобри третопласирани селекции. Во оваа пресметка нема да се земаат предвид резултатите против последнопласираната репрезентација во групата.

Македонија се наоѓа во групата „Х“, заедно со Шведска, Грција и Луксембург. Првите два предизвика за избраниците на селекторот се дуелите со Луксембург во Скопје (денеска) и гостувањето кај Грција во недела.

Во март следуваат двата натпревари со Шведска, при што првиот ќе го играме на домашен терен. Квалификациите ќе ги завршиме во мај, со гостување кај Луксембург и домашен дуел со Грција.

Денеска и утре ќе се одиграат вкупно 16 натпревари од првото коло, а вака изгледаат групите и термините:

Прво коло – среда, 4 ноември
Група „А“: 17:00 Хрватска – Литванија
Група „Б“: 18:00 Австрија – Турција
Група „Ц“: 20:30 Исланд – Украина
Група „Д“: 20:00 Фарски Острови – Косово
Група „Е“: 18:00 Чешка – Израел, Словенија – БиХ
Група „Ф“: 18:00 Полска – Летонија
Група „Х“: 19:00 Македонија – Луксембург

Прво коло – четврток, 5 ноември
Група „А“: 19:30 Холандија – Финска
Група „Б“: 18:00 Норвешка – Грузија
Група „Ц“: 16:30 Србија – Естонија
Група „Д“: 18:00 Унгарија – Црна Гора
Група „Ф“: 20:00 Франција – Романија
Група „Г“: 19:30 Италија – Словачка, 20:30 Германија – Белгија
Група „Х“: 18:30 Шведска – Грција