Македонија лесно се справи со Луксембург за прв чекор кон ЕП

Фото: Роберт Спасовски/Екипа.мк
 

МАКЕДОНИЈА - ЛУКСЕМБУРГ  41-23 (20-10)
Македонија: Томовски (11 одб), Галевски (7 одб), Велковски, Ѓоргиев 3, М. Митев 4, Кузмановски 4, Петковски 5, Костески 6, Д. Митев 2, Горига 3, Лазаревски 3, Стојковиќ 2, Аларов, Атанасијевиќ 2, Ристевски 2, Серафимов 5


Македонија со убедлива победа над Луксембург го почна новиот квалификациски циклус, по кој очекуваме пласман на Европското првенство што ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија во јануари 2028 година.

Македонските репрезентативци го одржаа зборот и со сериозен пристап, без потценување на противникот, влегоа во натпреварот и за помалку од десет минути ги решија дилемите.

Македонија отвори подобро и, додека Томовски беше несовладлив, преку Петковски, Митев и Кузмановски поведе со 3-0. Гостите го постигнаа првиот гол во 4. минута, а за вториот чекаа уште 10 минути. Во меѓувреме примија девет гола и во 15. минута резултатот беше 9-2.
 

„Пред почетокот на натпреварот, РФМ му додели врамен дрес на долгогодишниот репрезентативец Никола Маркоски. Тој кариерата ја заврши летово и во моментов е во тренерскиот тим на Мулти Есенс“.


Новиот македонски репрезентативец Димитро Горига, бурно поздравен од публиката, првпат во дресот на Македонија истрча на теренот во 18. минута, а две минути подоцна го постигна и првиот погодок. Тоа беше гол за водство од 11-3, а два напада подоцна Македонија за првпат имаше предност од десет гола разлика (13-3).

Потоа се играше со послаб интензитет, при што и гостинскиот состав почна поредовно да постигнува голови, па на пауза се замина со резултат 20-10.

Мартин Томовски беше одличен во првиот дел и запиша 11 одбрани, а Александар Петковски беше најдобриот стрелец во тимот и постигна пет гола, сите од позициона игра.

Селекторот Кирил Лазаров направи повеќе ротации во второто полувреме. Промена на односот на силите немаше. Марко Митев играше одлично во воведниот дел, а Македонија по пет минути го зголеми водството на 12 гол (25-13). 

Натпреварот беше резултатски решен, па до крајот натпреварот ракометарите на македонскиот тим можеа да си дозволат и понекоја атракција или помала агресивност во одбраната без страв дека тоа ќе се одрази на резултатот. 
Од друга страна и публиката можеше да ужива во поубав ракомет и конечно заедно со играчите да ја прослави првата победа и да го одбележи првиот чекор на Македонија кон ЕП. 

Во следното коло во недела, Македонија ќе има многу потежок противник. На гостински терен во Халкида ќе се сретне со репрезентацијата на Грција.