Лазаров задоволен од пристапот: Сега нè чека пеколен меч во Грција

Македонија успешно ја мина првата пречка на патот што води до ЕП 2028. На домашен терен против Луксембург, македонските ракометари одиграа сериозно и запишаа победа од 41-23. Убава увертира на квалификациите и најава за неделното гостување кај многу посериозен противник – Грција.

Селекторот Кирил Лазаров по натпреварот подвлече дека е задоволен од играта и пристапот на ракометарите. Сега тоа ќе треба да го повторат, но на повисоко ниво, и во недела.

„Задоволен сум од момците, од тоа како пристапија кон мечот и од нивниот ангажман.
Немавме доволно време, но сработивме добро. Моравме да почекаме да се одморат и играчите по македонското дерби, а имавме и играч кој за првпат беше во тимот.
Максимално го искористивме времето. Задоволен сум од тоа како системски напаѓавме. Секогаш може подобро или полошо, но генерално сум задоволен.
Мислам дека заштедивме и сили, со оглед на тоа што е тек на сезона, а играчите доаѓаат од клубови со силни натпревари, од силни лиги, со Лига на шампиони, Европска лига, Европски куп.
Имаме три дена до мечот со Грција. Таму нè следи пеколен меч и одлична репрезентација која ја помина Холандија на патот кон Светското првенство.
Ќе пристапиме максимално сериозно. Треба да бидеме подготвени на сите работи, можни се многу спортски сценарија, така што ќе пробаме психолошки да се подготвиме за она што ни следува.
Не ми е важен резултатот, туку пристапот и начинот на кој игравме. Имавме темпо 60 минути, што воопшто не е лесно за наши македонски прилики, без разлика што се работи за Луксембург.
Им честитам на момците за сработеното и за она што го направија на терен“, изјави Лазаров.