Кузмановски: Овој тим ветува, Македонија може да покаже уште повеќе!

Македонија без поголеми проблеми ја оправда фаворитската улога и со убедливи 41-23 го совлада Луксембург на стартот од квалификациите за ЕП 2028. Нашите ракометари уште во првото полувреме направија двоцифрена предност, а сигурната игра им овозможи во продолжението да ја контролираат разликата и да ги распределат силите пред следниот предизвик.
Вистинскиот тест за избраниците на Кирил Лазаров следува в недела, кога ги очекува гостување кај Грција.

„Имавме задачи како треба да се однесуваме и да ги искористиме грешките на противникот. Поголемиот фокус ни беше на мечот со Грција, но сите кои играа со Луксембург го дадоа максимумот.
Влеговме во добра ротација, немаме замор. Среќен сум за тимот. Така треба да изгледа Македонија на терен, тоа е модерен ракомет, добра одбрана, брза транзиција. Овој тим ветува. Одиме чекор по чекор да се надградуваме и да одиме понатаму со самодоверба. Мислам дека имаме квалитет да покажеме уште повеќе во иднина“, изјави Кузмановски.