-
05.11.2026
-
Македонски ракомет
Македонија го совлада Луксембург и со победа го почна новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП. Натпреварот што се одигра во Скопје беше посебен за еден човек. Димитро Горига, новиот македонски репрезентативец, за првпат го облече црвено-жолтиот дрес и ги постигна своите први голови за Македонија.
Горига беше бурно поздравен од македонската публика, исто како и секој негов погодок, а на дебито постигна три гола.
По мечот, тој не го криеше задоволството што во иднина ќе настапува за македонската репрезентација.
„Пресреќен сум, искрено сум воодушевен од начинот на кој сум дочекан. Толку навивачи по мечот, ја чувствувам љубовта и затоа пак ќе повторам – ја чувствувам Македонија за своја и чест ми е што играм за оваа репрезентација. Прекрасно сум примен од соиграчите, малку време сум овде, верувам дека ќе биде уште подобро како што ќе минува времето. Што се однесува до самиот натпревар, очекувано триумфиравме лесно, одигравме квалитетен натпревар и очекувам да бидеме уште поквалитетни на наредните натпревари. Овој дуел брзо ќе го заборавиме, одиме на победа и во Грција“, истакна Горига.