-
05.11.2026
-
Планета ракомет
Photo: Maja Nastic / RK Partizan
По промената на власта во Србија, во ракометниот клуб Партизан за кого се зборува како проект финансиран од државата, претстојат денови на неизвесност. Српски медиуми веќе го отворја прашањето за иднината на актуелното раководство и начинот на финансирање на клубот.
Според информациите од повеќе медиуми, веќе се одржал состанок на Управниот одбор, но конечни одлуки сè уште не се донесени. Сепак, се очекува веќе следната недела оставка да поднесе претседателот на црно-белите, Милјан Жугиќ.
Се најавува и заминување и на потпретседателот и на најмалку два члена на УО. Иако немаше официјална функција, се очекува од проектот да се повлече и Владимир Мандиќ, кој важеше за главен финансиски поддржувач и една од највлијателните фигури во клубот.
Партизан во изминатите неколку години функционираше како проект со силна државна поддршка, нешто што и раководството на клубот јавно го истакнуваше.
По две последователни шампионски титули, минатата сезона црно-белите освоија четири трофеи и доминираа на домашната сцена, а ова лето се вратија во Лигата на шампионите по пауза од 13 години.
На тренерската позиција пристигна и трофејниот шпански стратег Раул Гонзалез.
Клубот сезонава ја формираше најскапата екипа во својата историја, но и во историјата на српскиот ракомет. Според објавените информации, годишниот буџет изнесува околу 2,5 милиони евра, а неколку ракометари имаат месечни примања од петцифрени суми во евра.
Засега останува отворено прашањето како ќе се обезбедува финансирањето во наредниот период, каква ќе биде судбината на играчкиот кадар и дали Раул Гонзалес ќе остане на тренерската позиција.