Стојковиќ: Сега нè чека голем предизвик!

Фото: Филип Вирановски

Македонските репрезентативци го одржаа зборот и против Луксембург не влегоа опуштено и со потценување на противникот, туку со целосен респект и мотивирани пред домашната публика да одиграат добар натпревар.

Целта е исполнета. Македонија изгледаше добро на теренот, иако не форсираше премногу силен ритам. Овој меч ја трасираше патеката кон ЕП, откако победата беше обезбедена уште во раната фаза од натпреварот. Тоа е особено важно од аспект на пристапот, бидејќи следниот дуел ќе биде многу потежок тест.

„Првиот натпревар во квалификациите е секогаш специфичен. Затоа и пристапот ни беше посебно важен на овој меч. Но, како што изјавивме и пред натпреварот, не го потценивме тимот на Луксембург. Одигравме одговорно и сериозно и тоа на крајот резултираше со висока победа. Одигравме според договореното, бевме и борбени и фокусирани. Оваа средба ќе ни биде вовед и кон следниот голем предизвик, во недела на гости во Грција“, изјави Марко Стојковиќ.