Македонија го совлада Луксембург и сега ги сумира впечатоците од првиот натпревар, подготвувајќи се за многу посериозниот предизвик што ја чека во недела. Добро одгра македонскиот тим, а меѓу ракометарите кои оставија посебно добар впечаток на стартот од квалификациите е и крилото Александар Петковски. Тој доби можност да се наметне, ја искористи и иако играше само едно полувреме, со пет погодоци беше меѓу најефикасните во македонскиот состав.
Петковски е задоволен од начинот на кој Македонија ги исполни задачите против Луксембург, но предупредува дека следниот противник ќе бара поинаков пристап и максимално издание.
„Среќен сум што одигравме според договореното и што ги исполнивме задачите што ни ги зададе селекторот. Сега имаме време на мир да се подготвиме за натпреварот што нè очекува во Грција, кој, секако, ќе биде поинаков од денешниот. Станува збор за многу добра репрезентација, што го покажа и на претходните квалификациски натпревари. Наше е да одиграме максимално, на високо ниво, да ги исполниме задачите и да се обидеме да стигнеме до победа“, рече Александар Петковски.
Натпреварот Грција – Македонија е закажан за недела со почеток во 16:00 часот.