Томовски ќе има нов тренер кога ќе се врати во Битигхајм

Поинаков амбиент ќе го дочека македонскиот репрезентативец Мартин Томовски, кога ќе се врати во клупските обврски по настапите за националниот тим. Германскиот бундеслигаш Битигхјам, остана без тренер, откако раководството на клубот одлучи да ја прекине соработката со Хартмут Мајерхофер.

Мајерхофер замина по само 11 натпревари во Бундеслигата, иако во Битигхајм се врати летово со задача да го стабилизира тимот и да го предводи во најсилната германска конкуренција. Клубот во моментов се наоѓа на претпоследното место на табелата со четири освоени бода, но од управата појаснија дека резултатите и бодовното салдо не биле главната причина за разделбата.

„Оваа одлука помалку е поврзана со актуелниот број на освоени бодови и позицијата на табелата, а повеќе со сознанието дека нашите визии за заедничката соработка повеќе не се доволно усогласени“, соопшти генералниот директор на клубот Бастијан Шпахлингер.

До назначувањето на нов тренер, екипата ќе ја води досегашниот помошник Мануел Шмит, кој привремено ќе ја преземе одговорноста за првиот тим.