Противниците на Македонија во акција: Бахреин победи, Јапонија загуби

Photo: Felix Walter

Двата противника на Македонија на претстојното Светско првенство во Германија, Бахреин и Јапонија, се активни во Неделата на ИХФ и со комплетни состави се подготвуваат за јануарскиот мундијал во Германија.

Репрезентацијата на Бахреин одигра контролен натпревар со Белорусија и славеше со 30-28. За Белорусите ова е првиот чекор кон враќањето на светската ракометна сцена. Тие се пожалија дека потрошиле околу 45.000 евра само за авионски билети за да ја доведат својата најсилна репрезентација на дуелите со Бахреин. Во составот се и играчите Артјом Каралек (Келце), Игор Бељавски (Загреб), Микита Вајлупов (Бенфика). Но, ова трио не беше доволно за победа на првиот натпревар. Утре двете селекции ќе одиграат уште една средба.

Јапонија, пак, ги доведе Коскуе Јасухира, Шуичи Јошида, Југа Еномото и Томоки Ишида, четворицата интернационалци и тие се дел од составот за турнирот што се одржува во Тунис. Таму е уште и репрезентацијата на Русија.

Јапонците денеска беа поразени од Тунис (30-38). Иако во повеќе наврати ја покажаа својата брзина и супериорност во играта еден на еден, сепак, не беа на нивото на домаќинот.

Корпулентните туниски ракометари доминираа во физичките дуели во одбраната и изнудија многу технички грешки од Јапонците, кои потоа ги претвораа во лесни голови. Тоа особено дојде до израз на почетокот на вториот дел, кога Тунис ја направи решавачката разлика.

Тони Џерона, селекторот на Тунис, испроба и тактика седум на шест. Интересно, во таа варијанта не играше со два пикера, туку со двајца леви бекови еден до друг, односно со четири бекови во нападот.

Ефектот од ова решение не беше ниту особено позитивен ниту негативен. Туниската одбрана си ја заврши својата работа, додека на спротивната страна Јапонија не одигра квалитетна одбрана. Посебно слаба алка денеска беше јапонскиот голман, кој немаше свој ден.

Јапонија утре ќе го игра вториот натпревар на турнирот, а противник ќе ѝ биде Русија.