Foto: Arhiv/SEHA League
Мијајло Марсениќ, ракометарот кој остави значајна трага во македонскиот ракомет, има нов клуб. Српскиот репрезентативен капитен од летото 2027 година ќе го облече дресот на Динамо Букурешт, со кој, според информациите на „Mozzart Sport“, договорил тригодишна соработка.
Марсениќ ја започна својата меѓународна кариера во Македонија, како член на Металург од Скопје, а потоа стана дел и од Вардаровата генерација која во 2017 година ја освои Лигата на шампионите. Неговиот период во македонскиот ракомет беше важна отскочна даска за продолжението на кариерата, која во 2018 година го одведе во Фуксе Берлин.
Во германскиот клуб помина девет години, освои титула во Бундеслигата и европски трофеј во Лигата на Европа, а двапати настапи и на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Сега, по завршувањето на договорот со Фуксе во летото 2027 година, ќе се пресели во романскиот ракомет.
Во претходниот период како сериозна можност се споменуваше негово враќање во Партизан, клубот во кој ја започна кариерата во Србија. Марсениќ не ја криеше желбата повторно да заигра во Белград, но амбициозниот проект на црно-белите се соочи со неизвесност по политичките промени во Србија и најавеното повлекување на дел од луѓето кои го финансираа и го водеа ракометниот клуб.