Филип Лазаров и Интерактив се разделија по осум години соработка

По осум години поминати во германскиот ракомет, Филип Лазаров и Интерактив од Ратинген ја завршуваат заедничката приказна. Германскиот клуб официјално објави дека двете страни ја прекинуваат соработката, заблагодарувајќи му се на македонскиот стратег за придонесот во развојот и успесите на клубот.

Лазаров пристигна во Ратинген во 2018 година како ракометар, но со текот на времето неговата улога во клубот се промени, па подоцна ја презеде и функцијата главен тренер. Во изминатите години беше еден од луѓето кои имаа значајна улога во спортскиот развој на Интерактив.

Во заедничкиот период клубот ги освои титулата во Регионалната лига и пласманот во Третата Бундеслига, како и трофејот во Купот на аматери на Германската ракометна федерација (DHB Amateur-Pokal). Од Интерактив посебно го истакнуваат и најдобриот клупски резултат од сезоната 2014/15 наваму, остварен во периодот во кој Лазаров беше дел од клубот.

„Му благодариме за неговиот ангажман и посветеност во изминатите години и му посакуваме сè најдобро во личната и спортската иднина“, се вели во објавата на германскиот клуб.

Засега не се соопштени причините за разделбата, ниту следниот професионален предизвик на Филип Лазаров. Повеќе информации се очекуваат во наредниот период.