Јапонија повторно разочара и запиша пораз

Репрезентацијата на Јапонија е поразена и на вториот натпревар на турнирот што се игра во Тунис. По вчерашниот пораз од домаќинот (30-38), денеска избраниците на Тони Џерона, меѓу кои и Косуке Јасухира и Шуичи Јошида, загубија и од репрезентацијата на Русија. Јапонците одново убедливо беа поразени, овојпат со 27-36, откако на полувреме имаа негатива од 12-19.

Натпреварот беше изедначен во првите дваесетина минути, во кои се играше гол за гол, а Русија имаше минимална предност од 10-9. Сепак, слабата игра на Јапонија во одбраната набрзо дојде на наплата. Русите лесно погодуваа, а истовремено успешно се бранеа, па направија серија со која поведоа со 16-10, а потоа и со 17-11, за на паузата да заминат со предност од седум гола (19-12).

Второто полувреме помина во порелаксирано темпо. Јапонија не успеа да најде начин да ја загрози предноста на противникот, ниту да покаже доволно мотив за обид за пресврт, па Русија рутински го приведе натпреварот до крај и славеше со 36-27.