Серафимов: Сѐ се сведува на тоа – борба, борба!

Откако ги освои првите бодови во квалификациите за ЕП 2028, Македонија се подготвува за вториот предизвик – дуелот со Грција на гостински терен. Натпреварот ќе се игра во недела во Халкида, град во близина на Атина, кој повремено служи како база на грчката ракометна репрезентација.

Македонија има позитивни искуства од дуелите со Грците, и на клупско и на репрезентативно ниво, но победите не биле секогаш на наша страна. Сепак, особено во сеќавање останува поразот во Кожани во 2019 година, кога селектор на Македонија беше Раул Гонзалез.

Под водство на Кирил Лазаров, пак, македонската репрезентација одигра два пријателски натпревари против Грција во Солун пред три години.

Сега на ред е нова пресметка. Грција своите шанси за пласман на ЕП ги гледа токму во овој натпревар. Доколку успее да победи или да освои бод, практично ќе направи голем чекор кон пласманот, бидејќи досегашната статистика од квалификациите покажува дека и третопласираните репрезентации со освоени два бода можат да обезбедат место на континенталниот собир.

Со победа Македонија ќе ги задржи и шансите да се бори за првото место во групата. Но, евентуалниот триумф ќе има и дополнителна мотивациска вредност пред настапот на Светското првенство во јануари.

„Натпреварот со Луксембург ни беше добро загревање за следниот меч, со Грција на гостински терен. Одигравме добро и сериозно на домашен терен, повторно го почувствувавме набојот што го носи играњето за репрезентацијата.
Сега ни следи Грција, ќе биде тежок натпревар, можеби ќе има притисок, тие имаат добар тим и одиграа добро во баражот со Холандија и двапати ја победија.
Но, знаеме како е, сѐ се сведува на тоа борба, борба, борба... Не можам да го објаснам чувството, но кога ќе го облечеш дресот, кога ќе истрчаш на терен... одеднаш сите се полниме со адреналин кога треба да играме за Македонија“, изјави Мартин Серафимов во пресрет на дуелот од второто коло, кој во недела ќе се игра во Халкида.