Македонија на испит во Халкида, Костески: „Одбраната ќе биде клучна!“

Репрезентацијата на Македонија денеска со почеток во 16:00 часот ќе го одигра вториот натпревар од квалификациите за пласман на ЕП 2028.

По воведното коло, во кое на домашен терен забележа убедлива победа над Луксембург, сега следува дуел на сосема поинакво ниво. Македонија гостува во Халкида, каде што ќе се соочи со противник за кого овој натпревар може да биде важен чекор кон пласман на Европското првенство.

Грција веќе не е репрезентација што игра епизодна улога на меѓународната сцена. Тоа го покажа и во баражот за СП 2027, кога на двата натпревари со Холандија, предводена од светски познатите ѕвезди Лук Стаинс и Кај Смитс, демонстрираше дека може да се носи и со посилни селекции.

„Многу ни е важно да бидеме на посакуваното ниво и на овој дуел со Грција. Се подготвивме квалитетно, да видиме до каде сме со формата, тренираме напорно бидејќи знаеме дека ќе биде тешко, тоа е противник што игра подобро од година во година и сигурно ќе биде мотивиран против нас.

Доста добро ги анализиравме, имаат квалитетна бековска линија, но ние сме Македонија, имаме спој на млад и искусен тим, имаме настапувано на големите натпреварувања со години наназад и сакаме да продолжиме со тоа.
Мораме да бидеме фокусирани од првата до последната минута и да им покажеме кои сме, како Македонија, како народ и да им ставиме до знаење дека немаат што да бараат.

Најважно за нас е да се фокусираме на одбраната, мечот нема да биде нималку лесен и затоа ќе биде многу важно да сме сконцентрирани во дефанзивата од првата до последната минута, а тоа треба да продуцира лесни голви“, изјави Никола Костески, еден од најискусните ракометари во македонската репрезентација.