Македонија потфрли во Халкида, пораз што отвора многу прашања

ГРЦИЈА – МАКЕДОНИЈА 29-24 (16-9)
Томовски (11 одб), Кузмановски 7, Костески 8, Велковски 2, Серафимов 1, Горига 1, Ристевски 2, Д. Митев 1, Лазаревски 2 

Репрезентацијата на Македонија одигра разочарувачки натпревар и со пораз од пет гола разлика се враќа од Грција, каде што гостуваше во рамките на второто коло од квалификациите за ЕП 2028.

Македонскиот тим комплетно потфрли во дуелот со грчкиот состав, но не веруваме дека со овој пораз го доведе во прашање пласманот на ЕП. Она што е доведено во прашање е освојувањето на второто место во групата, а благодарение на нешто подобрата игра во финишот, во пракса сѐ уште постојат шансите да бидеме втори.

Грција поведе со 1-0, Македонија со два гола по ред премина во водство и се навестуваше неизвесен тек на натпреварот, откако и двата тима промашија по некој напад.

Но, шутевите на македонскиот тим, кои наликуваа на шутеви од типот „Не фати лепакот“, како што одминуваше времето се претворија во вистинска напаѓачка криза и скромни 36% реализација во првиот дел. Наспроти тоа, противникот реализираше 67% од своите напади.

Грција направи серија од 4-0 и поведе со 5-2, но нашиот тим за момент се врати во игра и преку Лазаревски и Кузмановски намали на 4-5.

Сепак, нашата одбрана не беше добра. Не се движеше доволно брзо, немаше навремено блокирање и покривање, па противникот влезе во подобар реализаторски период. Со секој гол растеше самодовербата на Грците, а им поминуваа и шутевите, за разлика од нашиот напад, кој беше заглавен во комбинирање и неуспешни обиди за пробив или шут.

Селекторот Кирил Лазаров го притисна алармот во 22. минута, кога Грција поведе со 10-5 и веќе беше јасно дека нашиот тим е во криза.

Техничките грешки и лошите напади продолжија и во следниот период, па Грција поведе со 13-6 и 15-8, а предноста ја задржа и на полувремето (16-9).

Дебакл беше во најава откако противничкиот состав поведе и со девет гола разлика (18-9, 19-10) на почетокот на вториот дел. Ако е за утеха, двоцифрено водство немаше.

Во вториот дел Македонија во одредени периоди играше подобро од противникот, но тоа не беше игра што ќе ни дозволи да кажеме дека се бркаше пресврт. Во еден момент стана и хаотично на теренот, но ниту таа ситуација не ја искористивме. Потоа Грците ја смирија играта и мирно го приведоа натпреварот до крајот, за конечни 29-24.

Сакале-нејќеле, ќе мораме да бидеме задоволни од конечната разлика затоа што е достижна за реваншот во Скопје, во мај.

По сѐ видено денеска, се поставува прашањето: Дали ова беше само лош ден за македонскиот тим или, пак, ова издание е рефлексија на насоката што сезонава ја фати македонскиот ракомет почнувајќи со клупската сцена?
Одговорот нема да го чекаме долго. Јануари и Светското првенство се блиску, па тогаш подобро ќе се види во кој правец одат работите.