Шведска до рекордни 50 гола, Фарските со бод од Црна Гора

Второто коло од квалификациите за Европското првенство 2028 донесе неколку интересни резултати, убедливи гостински победи, но и изненадувања. Во центарот на вниманието е Шведска, која испиша историја со 50 постигнати гола против Луксембург, Израел приреди сензација во Словенија, додека Фарските Острови освоија бод на гостувањето во Црна Гора. Македонија, пак, по убедливиот старт против Луксембург, загуби од Грција во Халкида.

Шведска ја декласираше селекцијата на Луксембург на гостински терен со 50-20 (26-10), остварувајќи ја втората победа во квалификациите. За Швеѓаните ова беше историски настап, бидејќи за првпат во историјата на машката репрезентација постигнаа 50 гола на еден меѓународен натпревар. Претходниот рекорд изнесуваше 49 погодоци.


Најголемото изненадување во ова коло го приреди Израел, кој славеше со 31-28 (13-14) на гостувањето кај Словенија. Израелците одиграа извонредно второ полувреме, во кое направија пресврт со серија од 5-0, а голманот Дан Тепер имаше значаен придонес во големата победа. Даниел Мосинди постигна десет гола. За Словенија ова беше прв пораз по шест победи во претходниот квалификациски циклус за ЕП 2026.

Интересен дуел се одигра во Црна Гора, каде што домашната селекција и Фарските Острови ремизираа 34-34 (18-17). Гостите уште еднаш потврдија дека нивниот напредок не е случаен и дека можат да бидат сериозен конкурент и на гостински терен. По победата над Косово во првото коло, Фарските Острови остануваат без пораз, додека Црна Гора го освои првиот бод.

Хрватска ја продолжи победничката серија со убедливи 35-25 против Финска, додека Италија славеше на гостувањето кај Белгија со 24-20. Германија беше подобра од Словачка со 39-27, Франција ја совлада Летонија со 44-29, а Србија славеше против Украина со 41-30.

Холандија победи во Литванија со 41-27, Австрија беше убедлива против Грузија (35-23), Исланд го совлада Естонија со 39-26, а Унгарија славеше против Косово со 34-20. Чешка, пак, беше подобра од Босна и Херцеговина со 32-19, додека Полска ја совлада Романија на гостински терен со 30-28.

Квалификации за ЕП 2028 – табели по второто коло

Група „А“: 1. Хрватска (4), 2. Холандија (4), 3. Литванија (0), 4. Финска (0).
Група „Б“: 1. Норвешка (4), 2. Австрија (2), 3. Турција (0), 4. Грузија (0).
Група „Ц“: 1. Исланд (4), 2. Србија (4), 3. Естонија (0), 4. Украина (0).
Група „Д“: 1. Унгарија (4), 2. Фарски Острови (3), 3. Црна Гора (1), 4. Косово (0).
Група „Е“: 1. Чешка (4), 2. Словенија (2), 2. Израел (2), 4. Босна и Херцеговина (0).
Група „Ф“: 1. Франција (4), 2. Полска(4), 3. Романија (0), 4. Летонија (0).
Група „Г“: 1. Германија (4), 2, Италија (4), 3. Словачка (0), 4. Белгија (0).
Група „Х“: 1. Шведска (4), 2. Македонија (2), 3. Грција (2), 4. Луксембург (0).