Македонските гиганти демнат: Вардар и Пелистер „ловат“ засилувања од Партизан!

Фото: Маја Настиќ / РК Партизан

Кризата во Партизан добива сè поголеми размери, а по заминувањето на претседателот, распуштањето на Управниот одбор и разделбата со тренерот Раул Гонзалес, на повидок е и сериозен играчки егзодус од белградскиот клуб.

Српскиот шампион веќе го загуби Милош Кос, кој според информациите на „Моцарт Спорт“ се враќа во Бундеслигата и ќе го засили Вецлар, а во наредните денови се очекуваат и нови заминувања. Ситуацијата внимателно ја следат и најголемите македонски клубови, кои би можеле да ја искористат можноста за ангажман на квалитетни засилувања.

Најконкретна е приказната околу Аљоша Дамјановиќ (фото). Српскиот бек, кој беше во втор план кај Раул Гонзалес, се поврзува со Вардар. Според српските медиуми, тој му бил понуден и на Загреб, но постојат добри изгледи кариерата да ја продолжи во Скопје, во тимот на Иван Чупиќ. Засега нема конечен договор, но евентуалниот трансфер би бил значајно засилување за „црвено-црните“ во битката за домашните трофеи и настапите во Лигата на Европа.

Уште поинтересна е ситуацијата со Јоав Лумбросо. Израелскиот среден бек, кој важи за еден од најдобрите ракометари на Партизан оваа сезона, би можел да заврши во Еурофарм Пелистер. Битолчани и претходно покажувале интерес за неговите услуги, а неговиот профил би можел да одговори на потребата од свежина и креативност во бековската линија на тимот на Лино Червар.

Сепак, Пелистер нема да биде единствениот кандидат за потписот на Лумбросо, бидејќи според информациите од Србија, за него постои интерес и од француски клубови. Неговото заминување од Белград се најавува како многу веројатно.

Така, кризата на Партизан би можела да отвори интересен трансфер-пазар за македонските ракометни гиганти. Вардар и Еурофарм Пелистер внимателно ја следат ситуацијата, а наредните денови би можеле да донесат и конкретни разврски.

Едно е сигурно – потресите во Белград би можеле да донесат значајни промени и на македонската ракометна сцена и не само во играчкиот дел.

Што ќе се случи сега и со Регионалната лига каде што реално Партизан беше единствениот што им конкурираше на македонските клубови?