Динамо купува во Нексе, а Нексе во Охрид?

Photo: RK Nexe

Романскиот првак Динамо Букурешт ги поставува темелите на екипата за следната сезона, а во центарот на трансфер-плановите се ракометари од Балканот. Романскиот клуб подготвува сериозно засилување на ростерот, со неколку звучни имиња кои треба да пристигнат во Букурешт.

Меѓу нив е српскиот репрезентативен пивот Мијајло Марсениќ, кој ќе го напушти Фуксе Берлин и кариерата ќе ја продолжи во Романија. Ново име во проектот на Динамо треба да биде и хрватскиот репрезентативец Тин Лучин, кој по завршувањето на сезоната ќе си замине од Нексе Нашице. Лучин е еден од најдобрите играчи на Нексе, а многу корисен беше и за репрезентацијата на претходното Европско првенство каде играа во финалето.

Во спротивна насока, кон Нексе, би можел да тргне ракометарот на Охрид, Анте Иванковиќ, кој во моментов се наметнува како најсериозен кандидат за наследник на Лучин во клубот од Нашице. Охрид, пак, веќе е во финални преговори со Миличевиќ од Целје, па наскоро може целиот круг да биде затворен.