Вардар и Алкалоид денеска на дерби

Охрид и Еурофарм Пелистер ја оправдаа фаворитската улога во своите натпревари од домашниот шампионат, па вниманието на ракометната јавност денеска е насочено кон големото дерби меѓу Вардар 1961 и Алкалоид.

Охриѓани славеа над Младост со 24:20, додека Еурофарм Пелистер беше убедлив против Тиквеш, триумфирајќи со 37:26. Со овие победи двете екипи остануваат во трката за највисок пласман, а бодовите добиваат дополнителна тежина пред вечерашниот дуел во Скопје.

Вардар и Алкалоид ќе ги одмерат силите во директна пресметка која може да донесе промени на врвот на табелата. „Црвено-црните“ влегуваат во дербито со 18 бодови, еден повеќе од Пелистер и Охрид, додека Алкалоид има 16.

Тоа значи дека влогот е голем за двете екипи. Вардар кој е во улога на голем фаворит денеска, ќе има можност да ја задржи предноста на врвот, а Алкалоид со победа би се изедначил бодовно со денешниот ривал и повторно би се вмешал во борбата за првото место.

Дербито Вардар – Алкалоид се игра денеска од 18:30 часот, во салата „Борис Трајковски“.