-
14.11.2026
-
Македонски ракомет
РК ВАРДАР 1961 – РК АЛКАЛОИД 36-31 (17-17)
Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Судии: Митревски и Тодоровски од Битола. Делегати: Марјан Начевски и Ацо Николовски
РК Вардар 1961: Гогов, Валах, Стојановски 4, Воркапиќ 6, Георгиевски, Поповски, Љевар 5, Лазаревски 2, Анастасовски, Франциско Да Силва, 3 Абделхак 3, Малус, Ѓорчески, Јанковски 2, Фадуил 11
Седмерци: 8/8 Исклучувања: 4 мин.
РК Алкалоид: Кизиќ, Галевски, Џонов 1, Сухолежник 2, Костески 8, Карасманакис, Стојковиќ 1, М. Митев 7, Ѓорѓиев 2, Велковски 1, Цехте 1, Петковски, Д. Митев, Борзаш 5, Аларов, Борозан 2
Седмерци: 5/5 Исклучувања: 12 мин.
Ракометарите на Вардар 1961 славеа над Алкалоид со 36:31 во дербито од десеттото коло во Суперлигата. „Црвено-црните“ до победата стигнаа по голема борба и израмнето надигрување во најголемиот дел од натпреварот, во кој гостите имаа и предност во второто полувреме, но пресудна беше серијата на домашниот тим во последната четвртина од средбата.
Вардар тргна фуриозно и уште во воведните минути поведе со 3:0, но Алкалоид брзо одговори и не дозволи рано одлепување на противникот. Гостите постепено ја топеа негативата, а во 19. минута стигнаа до првото израмнување (12:12). До крајот на полувремето се играше израмнето, со гол за гол, па екипите на одмор заминаа со резултат 17:17.
Алкалоид го презеде водството во вториот дел и во 38. минута поведе со 22:21. Следуваше период во кој двете екипи се менуваа во водството, а последното израмнување беше на 26:26 во 44. минута.
Тогаш дојде и клучниот момент. Вардар ја искористи кризата во нападот на гостите, наметна посилно темпо и со серија од шест последователни погодоци се одлепи на 32:26. Алкалоид не успеа да го запре налетот на домаќинот, кој во завршницата ја контролираше предноста и стигна до конечни 36:31.
Матео Фадуил со 11 погодоци беше прв стрелец на Вардар, а Вукашин Воркапиќ постигна шест, додека кај Алкалоид најефикасен беше Никола Костески со осум гола. Марко Митев реализираше седум, а Урош Борзаш пет пати ја затресе мрежата.
Со оваа победа Вардар освои важни бодови во трката на врвот, додека Алкалоид останува на 16 бода. Двете екипи ги очекуваат нови сериозни предизвици, а за „фармацевтите“ следува уште едно дерби, против Еурофарм Пелистер, па дуел од ЕХФ Европскиот Куп со Горење.