-
16.11.2026
-
Македонски ракомет
Пред Еурофарм Пелистер е клучниот натпревар за опстанок во ЕХФ Европската лига. По најтешкиот пат одат битолчани и опстанокот во Европа им зависи од натпревар со бундеслигашки тим. И тоа против Гумерсбах, екипа која се препороди откако нивни тренер стана познатиот исландски ракометар Гудјон Валур Сигурдсон.
Резултатите во Европа не се според очекувањата, уште помалку желбите од предсезоната. Еурофарм Пелистер по три одиграни кола има еден бод и евентуален пораз во мечот со Гумерсбах може и математички да го отпише од Европската лига доколку Гдањск победи во Шпанија.
Единствено победа пореално ги одржува во живот шансите за Плејоф, иако и тогаш ситуацијата ќе биде комплицирана.
Тренерот на битолчани, Лино Червар зборуваше за натпреварот што следи:
„Ја користам приликата да ѝ се заблагодарам на публиката за трпението. Јас знам дека сите би сакале многу, но мораме да одиме чекор по чекор. Тежок ќе биде тој натпревар. Германците доаѓаат без Рогановиќ, но и без него се една силна екипа која може рамноправно да игра со која било екипа.
Гумерсбах е екипа составена од многу квалитетни играчи собрани од цела Европа. А тоа не се само обични играчи, тоа се играчи кои завршиле школа за ракомет, ги зеле најдобрите играчи од други земји. Во Бундеслигата играат баш врвните играчи и нема да биде лесно. Tие можеби се фаворити, но ние мораме да покажеме волја и желба. Мора да бидат борбата и волјата поголеми“, изјави Червар.
Еурофарм Пелистер и Гумерсбах силите ќе ги одмерат утре во Битола со почеток од 20:45 часот. Во истиот термин ќе се игра и натпреварот Ла Риоха – Гдањск.
По три одиграни кола на делба на првото место на табелата се Гумерсбах и Гдањск со по четири бода, Ла Риоха има освоено три, а Еурофарм Пелистер еден бод.