-
17.11.2026
-
Македонски ракомет
Македонскиот претставник во ЕХФ Европската лига, екипата на Еурофарм Пелистер, вечерва во Битола (20:45ч) ќе го пречека германскиот тим Гумерсбах во четвртото коло од второто по ранг натпреварување на ЕХФ.
Битолчани резултатски потфрлија во две од првите три кола, па овој натпревар за нив прерасна во борба за опстанок во натпреварувањето. Ситуацијата на табелата дополнително им ја комплицираше фактот што Гдањск го совлада фаворитот Гумерсбах во првото коло, па полскиот тим сега има ист број бодови како германскиот состав, додека Пелистер е на последното место во групата со најмали шанси за пласман во плејофот.
Сепак, шансите сè уште постојат, а за да станат пореални, вечерва Еурофарм Пелистер мора да го победи германскиот тим. Нерешен резултат би ги продолжил надежите барем до следното коло, додека поразот би ги довел битолчани во ситуација да бараат чудо во последните две кола. И тоа само под услов Гдањск денеска да биде поразен во Шпанија. Ако Пелистер загуби вечерва, а Гдањск победи во Логроњо, тогаш европската приказна за македонскиот тим и математички ќе заврши.
Паузата на клупската сцена поради квалификациите за ЕП 2028 беше добредојдена за Еурофарм Пелистер, кој се наоѓаше во лош моментум по неубедливите настапи во Европската лига и поразот во дербито од Вардар 1961.
Колку за тоа време тренерот Лино Червар успеал да ја консолидира екипата, ќе видиме вечерва, на еден од најтешките тестови за македонскиот тим сезонава.
Најавите се умерено оптимистички. Се очекува борба, а од ракометарите се бара волја и желба за победа. Во прилог на македонскиот тим оди и фактот што во Битола нема да игра повредениот Никола Рогановиќ, убедливо најдобриот стрелец на Гумерсбах и во Бундеслигата и во Европската лига.
Покрај Рогановиќ, денеска во составот на Гумерсбах нема да бидат ниту холандскиот ас Кај Смитс, словенечкиот ракометар Кристијан Хоржен и шведскиот среден бек Лудвиг Халбек.
Но и без овој квартет, Гумерсбах располага со многу квалитетни ракометари. На располагање на тренерот Гудјон Валур Сигурдсон ќе бидат Алекс Душебаев, Миро Шлуроф, Том Кислер и уште низа квалитетни имиња.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Гумерсбах ќе се игра вечерва од 20:45 часот, а директен телевизиски пренос ќе има на ТВ Арена М1 Премиум.
ЕХФ ЕВРОПСКА ЛИГА
ДЕНЕШНИ НАТПРЕВАРИ
18:45 часот
- Нексе – Елверум (ТВ Арена Спорт 9)
- С. Рафаел – Хамарби
- Извиѓач – Кадетен
- Бузау – Фленсбург
- Холстебро – Торелавега
- Татабања – Валур
20:45 часот
- Еурофарм Пелистер – Гумерсбах (ТВ Арена М1 Премиум)
- Ла Риоха – Гдањск
- Бидасоа Ирун – Лимож
- Хафнарфјордур – Маритимо
- Шамбери – ЧСМ Букурешт
- Бергишер – Сесвете
- Севехоф – Татран Прешов
- Грањолерс – Агваш Сантас
- Бенфика – Карвина
- Слован Љубљана – Морс-Ти
ТАБЕЛИ:
Група „А“: 1. Елверум (4 бода), 2. Нексе (4), 3. Хамарби (4), 4. С. Рафаел (0).
Група „Б“: 1. Лимож (6 бода), 2. Маритимо (4), 3. Бидасоа Ирун (2), 4. Хафнарфјордур (0).
Група „Ц“: 1. Кадетен (6 бода), 2. Извиѓач (4), 3. Шамбери (2), 4. ЧСМ Букурешт (0).
Група „Д“: 1. Севехоф (4 бода), 2. Бергишер (4), 3. Сесвете (3), 4. Татран Прешов (1).
Група „Е“: 1. Фленсбург (6 бода), 2. Грањолерс (4), 3. Бузау (1), 4. Агваш Сантас (1).
Група „Ф“: 1. Торелавега (6 бода), 2. Холстебро (4), 3. Бенфика (2), 4. Карвина (0).
Група „Г“: 1. Гумерсбах (4 бода), 2. Гдањск (4), 3. Ла Риоха (3), 4. Еурофарм Пелистер (1).
Група „Х“: 1. Слован Љубљана (6 бода), 2. Валур (4), 3. Морс-Ти (2), 4. Татабања (0)