Битолски пресврт за европска надеж: Пелистер го победи Гумерсбах

ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР - ГУМЕРСБАХ  29-28 (9-14)

Еурофарм Пелистер продолжува да го сонува европскиот сон. Од минус пет на полувремето, стигна до победа над фаворизираниот Гумерсбах и останува во игра за пласман во плејофот на Европската лига.

Битолчани се спасија од сигурна елиминација, откако полскиот Гдањск победи во Шпанија. Сега шансите на Е. Пелистер се подобри, но битолскиот тим ќе мора да го победи полскиот ривал на домашен терен, а потоа да слави и во Шпанија.

Е. Пелистер беше рамноправен во првите десетина минути од натпреварот и го диктираше резултатот, додека германската одбрана се адаптираше и ги трошеше комбинациите на домашниот тим, кој полека влегуваше во напаѓачка криза. Во преден план изби голманот Облинг, во моментов втор на листата на најдобрите голмани во Бундеслигата, зад Давид Шпет, а пред Мартин Томовски.

На спротивната страна, слична слика. Одбраната на битолчани беше фокусирана на Миро Шлуроф, кој во Битола дојде со епитетот играч со најсилен шут во Бундеслигата. И тој се адаптираше, па од „Боро Чурлевски“ си замина како најдобар асистент во својот тим. Речиси сè одеше преку него во нападот, а додадена вредност беше крилото Милош Вујовиќ, кој потсети на најдобрите денови со неколку луцидни потези, што е и негов заштитен знак.

Во редовите на Еурофарм Пелистер ниту еден од играчите немаше континуитет. Митревски одбрани важни удари, Кузмановски имаше свои моменти, исто како и Нтанзи, но тоа не беше доволно и Гумерсбах ја презеде контролата. Германците прво стигнаа до 8-5, потоа накратко повторно беше резултатски интересно (7-8). Следеше нова серија на гостите за водство од 13-8, а на полувремето беше 9-14.

Никола Митревски го поведе Еурофарм Пелистер кон победата во вториот дел. Влезе во одлична серија, во нападот на почетокот погодуваше Самоил Ристевски, а функционираше и играта седум на шест.

Овој пат Германците не успеаја да се приспособат, бидејќи имаше поголема разновидност во играта на битолскиот состав. Пелистер наметна ритам што му одговараше и по седум минути стигна до израмнување. Гудјон Валур Сигурдсон побара тајм-аут и го запре слободниот пад на својот тим, но гостите не успеаја повторно да воспостават ритам.

Се играше гол за гол, попушти германската одбрана и битолчани во финишот успеаја да го преземат водството. Следеа клучна одбрана на Митревски, промашен зицер и шут на празен гол, по што Е. Пелистер имаше плус два во завршницата. Имаше драма под притисокот на гостите, но овој пат битолчани се одбранија и повторно се во игра за пласман во плејофот.