-
17.11.2026
-
Македонски ракомет
Тренерот на битолската екипа, Лино Червар, веројатно за првпат има можност да ја запознае Битола по една ваква голема победа. Неговиот тим одигра неверојатно второ полувреме, во кое успеа да се врати од негатива од пет гола против една од најдобрите екипи во Бундеслигата. По натпреварот, искусниот стратег ги коментираше случувањата на теренот. Уште повеќе, овој пат функционираше „седум на шест“ што е најава за подобри денови во Е. Пелистер.
„Беше тежок, многу тежок натпревар. Но, сакам да ѝ се заблагодарам на нашата публика. Честитки за играчите, ова е голема победа. Да победиш германска екипа не е мала работа. Имавме пет гола негатива, требаше да се врати екипата, а тоа беше голем предизвик за сите нас. Но, требаше да им се приреди вакво задоволство на битолската публика.
Голема победа, но за два дена имаме нов тежок натпревар против Алкалоид, а потоа следува Охрид. Затоа немаме многу време за славје, иако ова е навистина убава вечер. Задоволен сум и среќен сум за Битола, за луѓето кои овде ме примија многу убаво. Им честитам. Секогаш велам дека тимот е најдобриот играч, а вечерва токму таков беше нашиот тим. Можеби некој не веруваше во тоа, но почна Самоил да игра, па Фитиљ, па сите... и на крајот тоа ни донесе голема победа.
Јас не се лутам на критиките за играта „седум на шест“. Тоа ме тера да бидам уште подобар, да размислувам повеќе. Кај таа тактика најважна е реализацијата. Ако промашиш, остануваш отворен. Но, тоа мора да се тренира, одново и одново, и да се има самодоверба“, рече искусниот стратег.
Битолчани нема да имаат многу време за славје, а едвај ќе стигнат и да се одморат и да се опорават. Во четврток ги очекува дуелот со Алкалоид во Автокоманда, а веќе следниот вторник ќе го одиграат клучниот натпревар во Европската лига против Гдањск на домашен терен. Потоа ќе го пречекаат Охрид, пред да заминат на гостувањето кај Ла Риоха, во нов натпревар од Европската лига.
Сепак, таков е распоредот и нема простор за одложување. И Алкалоид има обврски во ЕХФ Европскиот куп, каде што ќе одигра два натпревара во наредните два викенда, додека Охрид викендов го очекуваат два дуела од истото натпреварување.