Душебаев: Тешко е да се игра во оваа сала

Познато лице пристигна во Битола со екипата на Гумерсбах. Алекс Душебаев, шпанскиот ракометар кој својата успешна кариера ја започна во Македонија, по натпреварот не криеше дека амбиентот во кој се играше средбата бил исклучително тежок за гостинската екипа, особено во финишот.

„Првото полувреме го одигравме многу добро, но потоа грешевме и стана многу тешко да се игра во ваква атмосфера. Имавме предност од еден гол во последните минути, но во клучните моменти беше многу тешко да се игра. Одлично им функционираше играта седум на шест.

Имаме многу повредени играчи, немавме време за тренинг и опоравување. Игравме натпревар во неделата навечер, во понеделникот патувавме, а денеска повторно игравме. Но, тоа е тоа. Сега повторно нè чека истото, играме викендов, па одново ќе играме во Европа. Таков е ритамот“, изјави Алекс Душебаев.