Лазаров против Червар: Дерби со посебна емоција и тежина

Денеска почнува последното коло од првиот круг во Суперлигата, и тоа со дерби-дуел меѓу екипите на Алкалоид и Еурофарм Пелистер во Скопје.

Ова е дерби што доаѓа во лош момент за двата тима. Битолчани пред два дена играа тежок натпревар од Европската лига со Гумерсбах, а Алкалоид по три дена ќе го игра важниот натпревар од Европскиот куп со Горење.

Но, ова се периоди за кои играчите се подготвуваат уште од летните подготовки. Имаат широки ростери, па играњето два натпревари неделно не би требало да претставува ненадминлив проблем, особено затоа што станува збор за период што им се случува еднаш во сезоната. За разлика од нив, ракометарите во другите силни лиги со месеци играат во сличен ритам, а притоа имаат и долги и комплицирани патувања.

Денешното дерби ќе биде посебно за тренерот на гостинската екипа, Лино Червар. Тој првпат се враќа во Автокоманда, каде што ги доживеа најубавите моменти од својата кариера во Македонија. Овој пат доаѓа како тренер на противничка екипа, но тоа не значи дека нема да почувствува дополнителна емоција кога ќе влезе во салата што со години ја нарекуваше свој дом.

Не се враќа само Лино Червар како противник во Автокоманда. Првпат во кариерата оваа сала ќе биде гостински терен и за Мартин Серафимов. Неговата кариера е поврзана со Металург и Алкалоид, а денеска првпат ќе биде во противничкиот табор во добро познатата сала.

На спротивната страна ќе биде Кирил Лазаров, кој има долга заедничка историја со Лино Червар. Овој пат ќе ги вкрстат своите тренерски знаења и првпат ќе се надмудруваат од клупите, што ќе биде посебен момент за дербито.

Дали некој ќе успее да го надмудри и изненади другиот, тешко е да се предвиди кога станува збор за двајца тренери кои добро се познаваат. Ги знаат меѓусебните тајни и начинот на кој размислуваат, па очекуваме дербито да го решат други фактори – момент на инспирација на некој играч, расположението на голманите или одреден моментум во натпреварот.

Влогот е поголем за Алкалоид, како екипа што сезонава првпат ќе игра дерби на домашен терен, па и императивот за победа во принцип треба да биде поголем. Но, Еурофарм Пелистер е благ играчки фаворит на денешниот меч затоа што има поискусен тим, а сезонава зад себе има и повеќе тешки и важни натпревари. Тоа е важна предност во однос на Алкалоид, кој реално има само два тешки натпревари зад себе. Треба да се земе предвид и дека битолскиот тим е поинаку дизајниран, составуван и ориентиран кон остварување резултати.

Исполнети се предусловите за да гледаме убав натпревар. Ова е нивна прва пресметка и нема да го реши првенството, иако секој освоен бод на меѓусебните дуели на екипите од водечкиот квартет на крајот има двојно поголема тежина.

Натпреварот ќе се игра со почеток во 18:00 часот во „Автокоманда“. ТВ пренос ќе има на МРТ 3