-
21.11.2026
-
Македонски ракомет
Фото: ГРК Охрид
По Еурофарм Пелистер кој играше со Гумерзбах во Европската лига, викендов на ред се и екипите на Охрид и Алкалоид кои играат во Европскиот Куп.
Охриѓани денеска и утре во својата сала ќе ја пречекаат литванската екипа Драгунас Клаипеда, а Алкалоид утре во Скопје и следната недела во Словенија ќе го игра двомечот со Горење.
По двата дуела со Спортото од Турција што се играа во Охрид, македонскиот клуб и со литванската екипа се договори двата меча да ги игра на својот терен. Литванците кои пред две сезони играа дома-гости и беа елиминирани од Алкалоид, сега прифатија две гостувања, а на домашната јавност со должното извинување тоа и го објаснија со немањето на сала во Клаипеда што ќе им одговори на барањата. За салата во која што пред две години играа со Алкалоид сега велат дека не исполнува услови, а кошаркарската арена која е многу помодерен објект е зафатена.
Клаипеда ја паметиме од дуелите со Алкалоид, иако беа елиминирани и не беа голема опасноснот, оставија сосема солиден впечаток. Тогаш беа тркачка екипа, играа сосема коректен „модерен“ ракомет и го натераа и Алкалоид добро да се истрча на двата дуела.
Очекуваме нешто слично да биде и викендов во Охрид. Не го ставаме ни под точка разно конечниот епилог од двата меча. Охрид е голем фаворит, сериозно пристапува во Европскиот Куп, а двата меча со литванските „змејови“ ќе бидат и добро загревање за нивното второ дерби гостување во Суперлигата, следниот викенд во Битола.
Натпреварот ќе се игра попладнево со почеток од 18:00 часот во „Билјанини извори“. Директен ТВ пренос од денешниот натпревар нема да има, но ќе има од утрешниот натпревар што исто така ќе се игра од 18:00 часот.