-
25.11.2026
-
Македонски ракомет
Многу брзо се менуваат расположенијата во ракометна Битола. Од меч во меч, од облаци, па на земја, па одново во висина. Ништо помалку и не се очекуваше кога на клупата дојде Лино Червар. Пола пат во најтешките две недели е изоден, остануваат уште два тешки меча во следните седум дена, по потоа ќе дојде време и за малку одмор.
Најбитното за битолчани е дека екипата победува во Европа и сега сѐ е во нивни раце. Следниот вторник во Логроњо, тим кој по почениот залет го загуби здивот. Сега Шпанците се математички елиминирани и без резултатски мотиви за пласман во Плејоф ќе го пречекаат македонскиот тим во последното коло.
Победа во Шпанија ќе значи пласман во Плејоф, нерешен резултат исто така може да значи пласман доколку Гумерсбах победи или одигра нерешено како гостин во Полска. Лино Червар одново е во свој елемент и коментира натпревар од победнички агол.
„Денеска беше потежок момент за нас, по поразот од Алкалоид, но знаевме дека само со тимски дух, тоа е грижа еден за друг, можеме подобро. Така беше сега, ги издржавме сите критики кои по мене беа неоправдани.
Голема благодарност за публиката и нашата цела екипа. Нема да издвојувам поединци, тука победи тимот. Големиот тим Пелистер.
Само еден тим, само еден град, тоа е нашиот начин.
Публиката препозна, место со свирежи, ни даде аплауз. Ја користам приликата да ги повикам да дојдат во сабота кога играме со ГРК Охрид, да ни дадат уште поголема поддршка. Секој еден човек во публиката, не прави поголеми фаворити.
Од моментите што го одбележаа натпреварот, издвои:
Одбраната победи во овој меч, сите бевме одлични. Се движевме добро, бевме агресивни, а кога има таква агресивност во одбраната, доаѓа доминацијата. Ова беше прв пораз за Гдањск и тоа значи дека заслужено победивме. Бевме подобри.
Сега одиме понатаму.
Зависиме сами од себе во Европа, ќе се обидеме да си ја завршиме задачата. Секогаш мора да се оди на победа и мислам дека сме на добар пат. Создаваме еден Пелистер со посебен знак, ако вака се игра тоа е убаво да се види и тоа е иднина.
Предизвиците ни следат, прво меч во Суперлигата, потоа патуваме за Шпанија, па мора да собереме сила, да ја охрабриме екипата за понатаму. Човекот е толку голем колку што е подготвен да се жртвува за својата цел“.