Кој е АЕК, финалниот противник на Алкалоид?

Photo: RK Alkaloid

АЕК Атина е ракометен колектив кој годинава на 5 август ќе го прослави својот 20 роденден. Формиран е со налог на спортското друштво АЕК каде што фудбалскиот колектив и кошаркарската екипа се далеку напред со популарноста и следствено целата организациска логистика. Во грчкиот ракомет влезе преку фузија со екипата на Илиопулис во 2005 и по само две сезони успеа да се пласира за прв пат во Европски Куп. Две години подоцна во 2009 прв пат освои пехар во домашното првенство, во Куп натпреварувањето, а во 2011 прв пат стана шампион на Грција.
Оттогаш досега АЕК има освоено пет шампионски пехари и пет куп трофеи, а шестпати бил финалист или вицепрвак. Во Европа, има најмногу настапувано во ЕХФ Европскиот Куп, дури осум пати. Еднаш бил победник (2020/21), претходно има загубено во финале (2017/18), па дуелот со Алкалоид ќе му биде трето финале во ова натпреварување. Двапати има играно и во Лигата на шампионите и шест пати во ЕХФ Европската лига.

Годинава АЕК е во улога на бранител на шампионскиот пехар во Грција со големи шанси и да успее да остане на тронот, имајќи ги предвид првенствените победи над единствениот ривал за пехарот – Олимпијакос.
На клупата од 2024 година го имаат францускиот тренер Фредерик Бужан кој прв пат седна на кормило на машка екипа во последните десет години откако ги водеше женските екипи на Флери Лоар, Ростов на Дон и Нант.
Бужан на клупата дојде откако замина српскиот стратег Драган Ѓукиќ кој имаше пех да го води тимот низ финансиска криза, а претходно тренер им беше можеби најпознатиот грчки играч – Алексис Алванос ...
Фредерик Бужан го наследи кормилото од Драган Ѓукиќ, но не и финансиската криза што се гледа по реконструкцијата на нивниот играчки кадар.

АЕК се обидува со познатиот рецепт што и во Македонија се користи често, а тоа е со купување на странски играчи да оствари резултат кој пак ќе биде мотор за клубот и магнет за публика и ќе донесе уште вода на нивната воденица.

До каде отидоа Бужан и АЕК со стратегијата можете да оцените од податокот дека во клубот сега има 16 странци и само тројца грчки играчи и комплетно е променет идентитетот на клубот. Но, тоа веројатно нема да биде којзнае колку важно ако екипата остане шампион и уште повеќе ако го освои ЕХФ Куп.

Голманот Јан Женти (43) поранешен чувар на мрежа на ПСЖ и Шамбери е најпрепознатливото име во АЕК. Него на голот друштво му прават Амин Чеих од Тунис и Дан Тепер од Израел.
Женти не е единствениот со ПСЖ во резимето. Двајца ракометари што растеа во тој центар за формација сега играат во Атина. Тоа се левото крило Адама Кеита и левиот бек Дилан Гара.

Македонските фанови сигурно ќе се сетат и на Вилсон Дејвис, португалскиот бек што играше во Пелистер.
Играч што секако ќе го препознаете е Жилберто Дуарте, португалскиот ас што требаше да игра за Вардар. Тој е поранешен ирач на Порто, Гепинген и Барса.
Од легијата ќе издвоиме и поранешен играч на Берлин и Магдебург, тоа е германскиот пивот Ерик Шмит, норвешкиот бек Марио Мамиќ, Хрватот Петар Лулиќ...

Годинава, најголемата препрека ја имаа во 1/4 финалето на ЕХФ Куп, каде што за противник го добија Партизан, нивни голем ривал со фудбалскиот и кошаркарскиот дел. Двомечот го одбележаа инциденти, но подобро мина АЕК, иако можеби Партизан беше посилниот тим. По плус пет обезбедени со голем притисок од трибините, во Белград ги чекаше пекол. Но, навивачите на Партизан му направија мечкина услуга на својот тим, па реваншот се играше во празна сала во Бугарија. Таму се играше на пенали, а победи АЕК.

Поврзани вести