Алушовски веќе не е тренер на Е. Пелистер

Старата спортска „мудрост“ вели дека судбината на секој тренер е да има спакувана торба и да го чека моментот кога ќе даде отказ или ќе биде сменет. Во ракометна Битола тие моменти се пречеста појава и сериозно влијаат врз концептот и стратегијата по која работи клубот.

Клубот сѐ уште нема официјално потврдено, но информациите од Битола велат дека Стевче Алушовски веќе не е тренер на Еурофарм Пелистер, а до крајот на сезоната, доколку нема друга смена, екипата ќе ја води Алексо Лембанов.
Амбиентот во Битола ги загуби славеничките ноти по домашниот пораз од Вардар 1961 што во пракса значеше и губење на шансите за одбрана на титулата. Новата смена на тренер во најракометниот град, пак, дојде по поразот од Охрид на домашен терен, но во прв момент оставката беше одбиена. Потоа имаше уште едно лошо полувреме во Автокоманда по кое екипата изведе вистинско чудо и успеа да победи, но следеше ново одмерување на силите со Охрид по кое заврши соработката меѓу Алушовски и Е. Пелистер.

Битолчани сега се во незгодна позиција од славенича атмосфера до раскол во сопствените редови и огромен притисок од локалната јавност да ја чекаат последната четвртина од првенството. Шансите за второто место не се загубени, но сега се во подредена улога во однос на Охрид на пример кој стана нивниот најголем ривал сезонава.




 

Поврзани вести