Младост оди во Суперлига, Струга испадна од лигата!

Екипата на Младост 1977 Богданци се враќа во Суперлигата, а екипата на Струга следната сезона ќе биде прволигаш.
Ова е епилогот на бараж натпреварот што се одигра во Скопје вечерва, меч на кој екипата на Младост забележа победа од 25-22 (12-11) и ја оствари својата најголема желба, да игра во Суперлигата следната сезона. Стружани минатата сезона успеаја да победат во баражот, сезонава нивниот брод потона и ќе играат во Првата лига догодина.

Засилувањето на богданчани, голманот Живојин Илиќ беше централната фигура на натпреварот со 17 интервенции од кои три одбранети пенали. Даниел Андоновски со шест гола беше најдобриот стрелец, постигна гол повеќе од бразилскиот играч Жоао Гекас и Никола Димитров, а четири гола постигна Лазар Адамовиќ.

Натпреварот беше резултатски израмнет со тоа што Младост го контролираше резултатот. Водеа гол разлика на полувреме богданчани, но Струга не беше далеку и нивните амбиции не се намалија. Во 44 минута Костов намали на 16-17 од контранапад, а потоа во следните пет минути комплетно доминираше екипата на Младост и стигна до водство од 22-16. Тоа беше клучниот момент на натпреварот. Потоа Младост го исконтролира мечот до крајот и го врати ракометот од југоистокот на највисоката скала во македонскиот ракомет.

Поврзани вести