Натпреварот меѓу Македонија и Романија ќе се игра денеска во Хернинг со почеток во 18:00 часот. Средбата директно ќе биде пренесувана на МТВ
Репрезентацијата на Македонија попладнево од 18:00 часот ќе го одигра третиот натпревар на ЕП 2026. Дали ќе биде последен? Тоа зависи од неколку фактори.
Македонија игра против Романија натпревар на кој добивката за македонскиот тим потенцијално е голема, но и ризикот сѐ да загуби е исто така на маса.
Ако Македонија победи тогаш сигурно ќе биде пласирана во Топ 16 и во квалификациите за СП 2027 ќе игра само еден бараж, а и таму ќе биде во првиот шешир.
Македонија може и во главната рунда, но за тоа освен победа над Романија, треба и репрезентацијата на Данска да ја совлада Португалија. Така Македонија и Португалија ќе имаат ист број бодови, нерешен меч во меѓусебен дуел и ќе решава гол разликата.
Во моментов Португалија има плус 6, Македонија -12.
Португалија има и постигнати 16 гола повеќе од Македонија, па така разликата што треба да се достигне е компензира е 19 гола. Како пример ако Данска ја победи Португалија со 10 гола разлика, Македонија за Главна рунда ќе мора да ја победи Романија со 9 гола разлика.
Според амбиентот во македонската јавност што можеме да го почувствуваме преку медиумите, кон Романија се гледа одозгора, како штиклирана победа. Не треба да потсетуваме колку е тоа лошо и погрешно. Лекција нека ни биде Србија која по победата над Германија веќе ја имаше штиклирано и победата над Австрија, но на крајот место во Главна рунда и „ауфидерзен“ за Германија, Србија е последна во групата и ќе игра два баража за СП.
На маса е и ризикот сѐ да биде загубено. Ако вечерва победи Романија, Македонија ќе биде последна во групата, ќе биде пласирана меѓу 19 и 24 место и ќе игра два баража за СП од кои во вториот би била и во втор шешир.
Не се сомневаме дека Кирил Лазаров ја има детално подготвено тактиката и дека од таа страна Македонија ќе биде целосно спремна. Колку последните повреди ќе влијаат ќе видиме. Играчите ги гледаме секојдневно и тие се мотивирани, спремни, точно знаат што значи овој натпревар. Внимателни се, не го потценуваат противникот, знаат дека денеска ги чека многу тежок натпревар со противник што нема што да загуби.
Не е сосема точна констатацијата дека Романија нема што да загуби. Резултатски не може многу да добие на ова ЕП освен избегнување на два и играње еден бараж.
Парите што се вложуваат во романскиот ракомет се големи. Машкиот тим е во сенка на женскиот и за да излезе од таа сенка му требаат победи. А Романија последен пат на ЕП победила пред 30 години, на ЕП во Шпанија против тимот на Унгарија во меч за пласман на деветтото место (28-27).
Романија освен што вложува сериозни пари во ракометот (спортот) спроведува стратегија со која ги брани домашните играчи. Неодамна не ракометната федерација туку владиниот парламент изгласа закон според кој 40% од играчите на терен во домашните првенства мора да бидат Романци.
Подвлечено, денеска имаме сериозен противник со свои мотиви и калкулации. Најавија фајтерски натпревар, веројатно и ќе гледаме многу жестоки дуели. Не се ниту брзи, ниту разновидни како Данска и Португалија, но знаат да играат. Обрнете внимание и на нивната нова надеж – Даниел Станчјук, важи за еден од најталентираните во Европа во моментов.