Костески побрз од сирената, Македонија е во Топ 16



МАКЕДОНИЈА – РОМАНИЈА 24-23 (13-9)
Сала: „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг, Данска.Гледачи: 10.800 Судии: Бојан Лах и Давид Сок од Словенија.
МАКЕДОНИЈА: Митревски (2 одб), Томовски (4 одб), Велковски, Ѓоргиев 3, М. Митев 3, Маркоски, Кузмановски 7, Не. Костески 3, Ни. Костески, Ојлески, Пешевски 1, Џонов 2, Стојковиќ, Аларов, Серафимов 2, Павле Атанасијевиќ
Седмерци: 4/5 Исклучувања: 10 мин.
РОМАНИЈА: Јанку, Попеску (10 одб), Верес, Нистор 5, Ботеа 1, Андреи 1, Григоре, Кумпаничи 1, Наѓ, Ракотеа, Сац, Деду 4, Станеску, Станчјук 2, Бузле
Седмерци: 2/2 Исклучувања: 6 мин.

Македонија одново режираше драма во Хернинг. Мечот што можеше „лесно“ да го добие ако ги користеше своите шанси се претвори во драма. 

Македонија одлично го отвори натпреварот. Одбраната се движеше и покриваше како што треба, креираше лесни голови и Македонија водеше 3-0 во 5 минута, пред селекторот на Романија да побара тајм аут.
Македонија играше фантастично во одбраната и цели 11 минути немаше примено гол. Но, нападот пропушти четири шанси по ред и во 12 минута кога Романија од пенал го постигна првиот погодок беше само 4-1.
Пропуштена беше голема шанса да се прекрши натпреварот по 10 минути игра.
Романија комплетно се врати во игра по 15 минута кога намали на 4-6. Во следните минути се играше гол за гол, па во 20 минута беше 8-6.
Игор Ѓоргиев играше одличен меч и креираше водство за Македонија од 11-7 во 27 минута.
И по втор пат пропуштија македонските ракометари шанса да го прекршат мечот.

Грешка во напад при водство од 12-8 ги врати уште еднаш Романците во живот со гол од контранапад за 9-12.
Најубавиот гол, постигнат со цепелин меѓу двете крила беше за конечните 13-9 на полувреме.
Македонија водеше 15-10 и пропушти два напада за конечно да го скрши отпорот на противникот. Следеше ново враќање на романскиот тим и период игра гол за гол во која по 42 минути, Македонија водеше 18-15. 

Голот за 16-18 во 43 минута и исклучувањето на Стојковиќ беа првите знаци за аларм кај селекторот Лазаров и две минути подоцна побара тајм аут при водство на Македонија од 19-17. 
Марко Митев изнуди пенал, а Кузмановски го претвори во водство од 20-17, но во следниот напад несмасно реагираше Михаил Аларов и заработи директен црвен картон. 

Мартин Томовски трипати по ред бранеше удари, но бадијала кога нападот трошеше и во 50 минута беше 21-18 и напаѓаа Романците.
Натпреварот полека дојде до фазата во која секоја грешка можеше скапо да биде платена или наплатена. 
Промашен пенал во 53 минута донесе драма плус, но за среќа Романија одигра лошо во напад. По тоа Кузмановски од пенал погоди за 22-19, но вратија исто од пенал Романците па во 55 минута беше 22-20, а Кузмановски беше исклучен поради играње со нога.
Романија намали на 21-22 во 56 минута од мечот, а потоа уште една катастрофална грешка доведе до нерешено 22-22.
Потоа почнаа да треперат рацете, промашивме цел гол и Романија нападна за водство на две и пол минути до крајот. Заработија црвен картон, но им остана топката во посед. За среќа не погодија, па Македонија замина во напад. Лазаров побара тајм аут на минута и 13 секунди до крајот
Ненад Костески изнуди пенал, Кузмановски го претвори во водство од 23-22. 
Романија погоди за реми, а потоа мољњевито Македонија преку Ненад Костески погоди за 24-23 и да оди во Топ 16!





 

Поврзани вести