Ден по ЕП 2026: Македонија и европскиот ракомет

Ракометот што можевме да го видиме на тековното ЕП, не се разликува битно од ракометот што го гледаме на пример во Бундеслигата и меѓу врвните тимови од Лигата на шампионите. Динамиката е на највисоко ниво, агилноста и разновидноста на играчите особено од надворешните позиции се „новиот“ заштитен знак.

Трендот да се игра брзо е уште еден заштитен знак, особено кај скандинавските екипи. Веќе не ни паметат кога се играло во овие бавно во овие земји. Велат се играло некогаш на времињата, но никој тоа не сака да го гледа и не би платил за билет за таков ракомет.

Повторно во мода се бекови шутери. Но, не се веќе тоа корпулентни, снажни и во принцип побавни бекови (Бодо, Мелер, Салвадор) кои освен шутот, малку што друго имаат напаѓачки да понудат. Надградената верзија на овие бекови подразбира и продорност, агилност, игра еден на еден (Питлик, Гидсел, Кошта, Клар, Магнусон), но и нема да размислуваат ниту дел од секундата ако можат да го видат голот (Кнор, Кестер, Ласе Андерсон, Мартиновиќ, Гргиќ). Плејмејкерите се посебна категорија кои ги имаат сите овие карактеристики, но нивната задача првенствено е да разиграат за позиција за шут или пивот, иако неретко и самите решаваат (Арнолдсен, Гисли, Кукиќ, Циндриќ).
Улогата на голманите, крилата и пикерите не е променета, со тоа што брзата игра налага играње во два правца, па и физичките карактеристики особено на пикерите се менуваат.

Каде е Македонија во оваа приказна?
Со оглед на ракометот што се игра во Македонија и каква е филозофијата во македонската Суперлига, Македонија одигра одлично првенство. Со позицијата бр. 14 можеме да бидеме презадоволни, затоа што пласман во Топ 16 беше скриената желба. Тактички одличниот меч со Португалија и играта на случајот направи за момент да поверуваме дека требало и можело и повеќе, но реалност е дека бевме поблиску до српското сценарио и играње на два баража.
За место во Топ 12 и уште и одржливо место во таа ракометната елита, треба коренити промени во целиот ракометен систем кај нас.
А тоа, не веруваме дека ќе се случи.
Македонија не играше брз ракомет. Тоа е неизводливо и е самоубиство кога противници тие се Данска и Португалија. Но, видовме нешто ново и добро од нашиот тим.
Првенствено мора да го пофалиме Филип Кузмановски за тоа како ја презема и одигра улогата на лидер во тимот. Потоа...
Видовме како новитет динамична 5-1 одбрана што ќе се усовршува и ќе биде и тоа како додадена вредност во играта на нашиот тим. Во денешно време е тешко да се внесе новина во играта, но Македонија е на пат да добие нешто плус.
Во мај кога ќе се играат бараж натпреварите, очекуваме да се вратат дел од повредените играчи, а другите да ја имаат формата на максимум, веруваме дека ќе видме екипа со многу повеќе решенија.
Што се однесува до доближување до глобалниот брз ракомет, нималку не сме оптимисти. Селекторот своевремено најави дека ќе играме скандинавски и се труди да ја имплементира таа игра во репрезентацијата преку стилот на игра во клубот што го тренера. Но, една ластовичка...

Може многу да се зборува на темата, но суштински...
Брзиот центар не беше мода или тренд како што беше квалификуван кај нас, туку почетна точка за развој на сосема поинаква динамика во ракметот. Го промени целиот спорт, а надградените правила од пред две сезони и се почестите повици за ограничување на времето за напад се најава за натамошно забрзување.

Воведувањето на брзиот центар и забрзувањето на играта е во временската дистанца поблиску до времето кога Тито беше жив, живеевме во СФРЈ, траеше војната во Виетнам, постоеше СССР... отколку до денешниот ден. А кај нас сѐ уште го викаме модерен ракомет.

Поврзани вести