Машките репрезентации на Македонија и на Австрија во периодот на Неделата на ЕХФ ќе одиграат пријателски натпревар. Овој меч на двете селекции треба да им помогне да ја одржат формата пред баражите за СП 2027 што ќе се играат во мај.
Македонија тогаш ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Словачка и Украина, а Австрија ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Полска и Летонија.
На клупата на Австрија е Икер Ромеро, ракометна легенда од Шпанија. Своевремено првиот играч за кој беше платена отштета поголема од 1.000.000 евра кога Барселона реши да го врати назад од Сиудад Реал.
Тој сега има 45 години, тренерска кариера почна во 2017 како асистент во бундеслигашот Хановер-Бургдорф, а од 2021 го презема тимот на Битенхајм каде што e тренер на нашиот репрезентативен голман Мартин Томовски. Од 2025 е селектор на Австрија. Икер Ромеро, има само пофални зборови за македонската репрезентација.
„Многу е добро што ќе играме против Македонија. Натпреварот треба многу да ни помогне пред претстојниот бараж за Светското првенство, затоа што Македонија игра многу разновидно во напад, а исто така и во одбрана. Имаат многу квалитет и специјални ракометари.
Од друга страна, финалните подготовки ќе бидат направени во Брегенц и тоа треба да ни влее самодоверба со публиката зад нашиот грб пред баражот за СП“, изјави Икер Ромеро за австриската ракометна федерација.
Натпреварот меѓу Австрија и Македонија ќе се одигра на 21 март во Брегенц, со почеток од 18:00 часот. Најавен е и ТВ пренос на „ОРФ Спорт плус“, па можно е да има ТВ пренос и во Македонија.