Регионалната лига во недела ќе добие контури

Формирањето на Регионалната лига во која ќе се натпреваруваат клубови од Македонија, Србија и Црна Гора е во финална фаза во поглед на договарањето на лигата. Во недела во Скопје треба да се одржи уште еден состанок на кој ќе биде дефиниран календарот на натпреварување, моделот на лигата, улогите на федерациите... Тоа се основачките компоненти на натпреварувањето, по што следува многу работа за да се формираат сите тела и да се договори се што треба да се договори за оваа лига да има шанса да заживее.
РФМ информираше за состанокот што ќе се одржи во недела во Скопје.

На 19 април 2026 година, во хотел „Хилтон“ во Скопје, ќе се одржи третиот по ред состанок посветен на формирањето на Men’s & Women’s Regional Handball League (MRHL / WRHL).
На состанокот ќе присуствуваат претставници на ракометните федерации и клубови од Македонија, Србија и Црна Гора, а свое присуство ќе има и Предраг Бошковиќ, потпретседател на ЕХФ, што дополнително ја нагласува важноста на овој процес.

Во фокусот на состанокот ќе бидат:
– дефинирање на форматот и календарот на натпреварување
– финансиски и организациски модел на лигата
– улогите на федерациите и клубовите
– координација и заеднички развој на ракометот во регионот

Планирано е во првата сезона да учествуваат:
– машка лига (MRHL) со 11 клуба
– женска лига (WRHL) со 8 клуба

Овој состанок претставува значаен чекор кон унапредување на квалитетот, конкурентноста и видливоста на ракометот во регионот.
Ракометната федерација на Македонија станува центар на регионалната ракометна соработка и иницијатор на ново поглавје во развојот на ракометот во регионот.

Поврзани вести