ФИНАЛЕ НА КУП НА МАКЕДОНИЈА
ГРК ОХРИД – РК ВАРДАР 1961 23-24 (12-13)
Јасухира 5, Ѓукиќ 5 - Малус 8, Хориха 6
Најдобар стрелец: Јака Малус (Вардар 1961) - 17 гола
Најдобар голман: Кристијан Пилиповиќ (ГРК Охрид)
МВП: Јака Малус (Вардар 1961)
Вардар 1961 е победник на Куп на Македонија 2026 откако вечерва во драматично финале го совлада тимот на ГРК Охрид. Минимална победа славеа црвено-црните, а охриѓани има по што да жалат. Никогаш во нивната историја не биле толку блиску до пехар, но...
Вардар 1961 подобро го отвори натпреварот, играше речиси без грешка во напдот и не мина долго, а веќе имаше плус четири гола на салдото. Водеше Вардар со 6-2, потоа беше 7-4 и веќе стигна 15 минута од мечот, период во кој вообичаено стартуваат ротациите. При овој резултат Охрид пропушти шанса да намали во два напада и тоа беше казнето со гол за 8-4.
Но, од тој момент одбраната на Вардар беше на уште поголем тест, затоа што Ројевиќ во игра го уфрли најсилниот адут – Јапонецот Косуке Јасухира.
Охрид намали на 6-8, но Јака Малус во свој стил постигна ефектен гол за одново да биде плус три.
Иван Чупиќ беше следниот кој бараше тајм аут, откако Гркот Николаос Љапис намали на 7-9, во 20 минута од мечот.
Пилиповиќ двапати по ред му одбрани шут на Воркапиќ, патем Србинот заработи и исклучување поради шут во главата на голманот и од целата ситуација Охрид профитираше со гол за 8-9.
Израмнувањето стигна во 29 минута (12-12), а до крајот на полувремето, Јака Малус постигна уште еден гол за водство од 13-12 за Вардар 1961.
Вардар 1961 подобро го отвори и второто полувреме и поведе со два гола разлика 15-13 пред вистински да се разгоре борбата на теренот. Во 38 минута, на семафорот беше 16-16, а Охрид го промаши првиот шут (на празен гол) за водство.
Во 40 минута, Дарко Ѓукиќ од контранапад му донесе прво водство на ГРК Охрид (18-17). Голманот Пилиповиќ одигра клучна улога во овој период бранејќи три шута по ред. Охрид тоа го материјализираше преку Савревски за водство од 19-17 и преку Ѓукиќ за 20-17 пред Иван Чупиќ да побара тајм аут.
Проработеа бековите на Вардар 1961, Малус, Хориха и Силва постигнаа голови во следните три напади, а на спротивната страна Јасухира продолжи да ја тероризира одбраната на Вардар 1961. Тренерот Борис Ројевиќ побара тајм аут во 45 минута при водство на неговиот тим од 21-20.
Потоа се играше гол за гол при што Вардар го контролираше резултатот, а голманот Валах беше во главна улога. Во 58 минута, Јасухира промаши пенал што самиот го изнуди при резултат 24-23 за Вардар 1961. Малус имаше шанса да го реши мечот но направи пробивање, па Охрид имаше 40 секунди напад и шанса за реми.
Се обидоа со цепелин да го решат мечот и погрешија, па пехарот замина за Скопје.