Актуелниот првак на Македонија, Еурофарм Пелистер денеска објави дека донеле одлука 21 годишниот ракометар Ненад Белистојаноски да го прекомандуваат во првата екипа за следната сезона.
Белистојаноски е крилен играч кој беше дел од сите младински репрезентации на Македонија, настапуваше во Е. Пелистер 2 и сега дојде време да ја почувствува атмосферата во првиот тим.
Нашиот проект да имплементираме квалитетни млади ракометари во сениорскиот тим продолжува. Како и минатите сезони, така и оваа, промовираме ракометари од развојниот Еурофарм Пелистер 2 во тимот кој се бори за титули - Еурофарм Пелистер.
Младинското репрезентативно крило, Ненад Белистојаноски, од сезоната 2026/27 ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер. Тој се обврза на договор до јуни 2028 година со шампионот на Македонија и со раширани раце го чекаме на јулските подготовки. 21-годишното десно крило е родено во Прилеп, но целосно се изгради како ракометар во Битола, ги прескокна сите скалила и дојде пред вратите на сениорскиот тим, веруваме во иднина и во националната репрезентација.
Официјалното претставување на Белистојаноски како член на Еурофарм Пелистер е предвидено на почетокот од подготовките за следната сезона.