Утре е ждрепката за СП 2027! Кое е идеалното сценарио за Македонија?

Утре со почеток во 18:00часот во познатата минхенска пивница Hofbrauhaus ќе биде извршена ждрепката за Прелиминарната фаза од Светското првенство што ќе се одржи во Германија во јануари 2027 година.
Во ждрепката, 32-те репрезентации ќе бидат поделени во четири шешири со по осум екипи. Од нив ќе се формираат осум групи со по четири екипи. Три екипи од секоја група ќе продолжат во Главната рунда. Вкрстуваат по принципоте А/Б, Ц/Д, Е/Ф, Г/Х.
Осумте четвртопласирани ќе играат во Президент Куп.
Македонија според ранкингот на државите, ќе биде во вториот шешир.

КОЕ Е НАЈДОБРОТО СЦЕНАРИО ЗА МАКЕДОНИЈА?
Најдоброто сценарио за Македонија е да биде во групата со домаќинот Германија во групата „А“ што ќе се игра во Минхен и да уживаме во бенефитите што ќе ги има домаќинот, а тие не се мали.
Имено, домаќинот има(ше) право во секоја од осумте групи да смести по една репрезентација. Тоа право го добива од комерцијални причини, но паметни луѓе, можат и комерцијално да одиграат правилно, но и да му дадат насока на целото првенство.
Германците се паметни луѓе.
Во едната половина или т.н. костур на првенството што ќе се игра во Кил и Магдебург, а потоа вкрстува во Хановер ги испратија Данска, Шведска, Исланд и Португалија. И со нив нема да се сретнат до „крајот“. Комерцијално исплатливо, Кил е многу блиску до Шведска и Данска и ќе има илјадници нивни навивачи.
Во дргугата половина каде што ќе игра и Германија домаќини се Минхен и Штутгарт. Германија групата „Б“ со која ќе вкрсти во Главната рунда ја организира во Штутгарт и таму во вториот шешир ја смести Италија.
Во другите две групи што ќе се играат во Штутгарт и Минхен и ќе вкрстат меѓусебе, се сместени Хрватска и Франција.
Во групата „Б“ покрај Италија, можат да бидат само Египет или Аргентина. Сите други екипи од првиот шешир се веќе распределени.
Така, групата „А“ е идеалното сценарио за Македонија. Таму би биле во група со Германија и ако имаме среќа да ги избегнеме на пример Бразил или Полска од третот шешир би биле на одличен пат да оствариме поголема резултатска. Особено ако во групата „Б“ каде што е Италија биде Аргентина од првиот шешир.
Ако имаме таква среќа да вкрстиме со група во која во прв шешир е Аргентина, а во втор Италија, и ако од третиот и четвртиот шешир ги немаме Бразил и Полска, тогаш може реално да се бориме за второто место не само во Прелиминарната, туку и во Главната рунда.
А тоа може да однесе многу блиску до ултимативно најголемата резултатска цел – пласман до деветтото место и обезбедени квалификации за Олимписките игри во 2028.

ГРУПА А – МИНХЕН
Германија (прв шешир)

ГРУПА Б – ШТУТГАРТ
Италија (втор шешир)
Египет/Аргентина (прв шешир)

ГРУПА Ц – МИНХЕН
Хрватска (прв шешир)

ГРУПА Д – ШТУТГАРТ
Франција (втор шешир)
Египет/Аргентина (прв шешир)

ГРУПА Е – КИЛ
Шведска (прв шешир)

ГРУПА Ф – МАГДЕБУРГ
Португалија (прв шешир)

ГРУПА Г – КИЛ
Данска (прв шешир)

ГРУПА Х – МАГДЕБУРГ
Исланд (прв шешир)

НОСИТЕЛИ ВО ЖДРЕПКАТА
ПРВ ШЕШИР: Германија, Египет, Аргентина, Хрватска, Шведска, Португалија, Данска, Исланд
ВТОР ШЕШИР: Македонија, Србија, Ф. Острови, Италија, Франција, Шпанија, Словенија, Норвешка
ТРЕТ ШЕШИР: Грција, Полска, Бразил, Бахреин, Тунис, САД, Капе Верде, Чиле
ЧЕТВРТ ШЕШИР: Катар, Алжир, Ангола, Јапонија, Кувајт, Уругвај, Вајлд карта 1, Вајлд карта 2

Поврзани вести