Пишува: Ристо Ѓамовски
PHOTO: IHF/KOLEKTIFF
Репрезентацијата на Данска е новиот светски У21 првак i се приклучија на нивниот сениорски тим кој е актуелен светски шампион четири мандати по ред. Данска слави злато, Португалија сребро, а за прв пат Фарски острови освои медал. Не се тие чудо, се чекаше од нив нешто големо уште кога прв пат на младинските шампионати, сегашниот играч на Кил, Елијас Скипаготу постигна 17 гола на еден натпревар. Го наследи Оли Митун, физички послаб, но сега и официјално верификувано, поуспешен од својот две години постар братучед.
Оли Митун стана МВП, најдобар стрелец, најдобар асистент. Ќе го видиме сезонава и во ЛШ и во Битола, во дресот на ГОГ кој редовно носи „наваму“ потенцијални ѕвезди.
Првенството беше одлично и за 17 годишниот Словенец, Аљуш Анжиќ. Тој го искористи промотивниот саем во Полска и веројатно веќе е на радар на поголеми клубови од неговиот Целје. На светската сцена се промовираше и Романецот, Даниел Стациуч од Динамо Букурешт. И тој сигурно веќе е во бележниците на „Х“ клубови кои ќе го следат неговиот развој, потоа исландскиот голгетер Елмар Ерлингсон кој досега играше под радарот, во второлигашот Нордхорн.
Македонија на овој мундијал потфрли резултатски, затоа што ова што сега го одигра е чекор назад од тоа што го одигра лани. Една година е период во кој има многу промени особено кога се работи за млади играчи.
Генерално нивната приказна почнувајќи од кадети до сега не е неуспешна. Нѐ радуваа низа првенства покажаа и квалитет и потенцијал. Финалниот производ е сепак тој што го крои последниот впечаток.
Овој мундијал беше поинаков, за жал овој пат немаше обемни подготовки во кои ќе се наштелуваа силите. Сега дел од ракометарите дојдоа по НБА распоред во последните два месеца, дел имаа празен од. Време за подготовки, неколку дена. Така се отворија картите со термините низ првенството, тука немаше многу простор за маневри.
Околу минутажите и нивните улоги во своите клубови, веќе е доволно кажано, ќе се претвори во флоскула ако одново се враќаме на истата тема.
Наш впечаток е дека на ова СП, барем визуелно во нашиот тим почна поизразена да станува играта што ја гледаме низ нашата Суперлига, на сметка на полетноста, еланот и брзината што беа поизразени претходно.
Светските трендови во ракометот се променети со последното забрзување на играта. Малите и пробивни играчи добија на цена, игра еден на еден – два на два, одбрана, транзиција. Практично, наметнат е скандинавскиот ракомет наскаде. Тренерите од другите поднебја, бараат решенија и да смислуваат одбрани со кои би се спасиле од ваквиот тренд и порано или покасно ќе се најде ефикасна одбрана и за оваа игра.
Проблемот е што во Македонија не би рекле дека се следи трендот.
Да не должиме, од наш агол, РФМ би требала стриктно да им наложи на судиите да ги заострат критериумите за пасивна игра и да не толерираат одење по терен. Да направиме разлика, една работа е позиционен напад, сосема друга е 15-тина секунди „влечкање“ пред воопшто да почне акцијата.
Настрана резултатите, поголемите и системски поинаку уредените ракометни нации на младинските првенства не секогаш 100% дизајнирани за бркање на резултати туку формираат бази, селекции и промовираат играчи. По којзнае кој пат кажано, Португалија играше финале без суперѕвездата Франциско Кико Кошта. Можеа ли до злато ако го доведеа? Можеби да, а можеби ќе издоминираше и ќе ги засенеше новите момци кои колективно стигнаа со финалето.
Во тој поглед, дали можеме да ја оцениме Македонија позитивно? Суштината на целата репрезентативна авантура на оваа генерација беше да се промовираат играчи не само пред јавност и светска сцена, туку како база за сениорската репрезентација. Дали во клубовите се создадоа, а преку репрезентацијата истканаа ракометари кандидати за сениорскиот тим? Немавме Митун, Педерсен или Анжиќ во тимот. Имавме други добри момци кои треба да бидат ценети. Вистинскиот одговор на ова прашање ќе се презентира сам посебе, од септември кога овие ракометари ќе се вратат во своите средини.
Подвлечено, актуелната генерација на ракометари матурираше на СП Полска и од денеска нивните животи се променети. Влегоа во светот на возрасните, каде што како адути против повозрасните колеги ќе ја имаат својата младост и елан да изградат добра кариера. Навиките што ги стекнаа досега ќе бидат нивна силна страна или хендикеп. Имаа можност да се сретнат со своите врсници од многу земји, да почувствуваат како изгледа француската школа, како играат Романците, што значи играње со скандинавци итн.
Следни на сцената ќе бидат момци меѓу кои има големи потенцијали. За жал поради повреди не можевме да видиме двајца од таа перјаница, но нивната работа е довчерашната кадетска, од утре младинска репрезентација.
2025 - IHF Men's Junior World Championship
ALL STAR TEAM
Goalkeeper: Diogo Rema Marques (Portugal)
Right wing: Magnus Storgaard Pedersen (Denmark)
Right back: Nikolaj Larsson (Denmark)
Centre back: Axel Månsson (Sweden)
Left back: Joao Lourenco (Portugal)
Left wing: Noah Martinsson (Sweden)
Line player: Moaz Azab (Egypt)
Top scorer: Óli Mittún (Faroe Islands) – 73 goals
MVP: Óli Mittún (Faroe Islands)