Вардар со минималец до два златни бода во Автокоманда

Фото: РК Алкалоид/Филип Вирановски

РК АЛКАЛОИД - РК ВАРДАР 1961  32-33 (17-19)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски. Делегати: Марјан Начевски и Лери Мирчевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ, Галевски, Џонов 2, Тордарсон, Маркоски, Никола Костески 7, Стојковиќ 5, М. Митев 5, Велковски 2, Ивановски, Ненад Костески, Д. Митев 3, Борзаш 5, Аларов, Николов 3, Ѓорговски
Седмерци: 9/9 Исклучувања: 12 мин.
РК ВАРДАР 1961: Стојновски, Гогов, Валах, Воркапиќ 10, Боно 1, Георгиевски, Кеита, Митровиќ 3, Танкоски, Лазаревски 2, Тузолана 3, Хориха 6, Атанасовски, Силва 6, Малус 1, Јанковски 1
Седмерци: 8/8 Исклучувања: 14. мин.


Вардар 1961 направи уште еден крупен чекор кон шампионскиот пехар откако вечерва славеше победа во Автокоманда над екипата на Алкалоид. Минимално славеа црвено-црните, 33-32, но освоија два бода што можат да бидат пресудни во трката за шампионскиот пехар. 

Натпреварот имаше динамика и квалитет што не заостанува зад бундеслигашките натпревари што имаме можност често да ги гледаме. Двата тима влегоа во натпреварот без кочници, во отворено надигрување. Во првите дваесет минути видовме многу што на теренот. Вардар прв презема контрола, но кон средината на полувремето Алкалоид премина во водство. Играта беше слична на мечот од минатата недела, во која нападот имаше исклучително голема ефикасност кај двата тима и секој погрешен чекор и промашен напад беше потенцијален пресврт на семафорот.
Првите разлики почнаа да се приметуваат по 20 минута, откако се „истрошија“ првите постави.

Алкалоид на овој меч настапи без Мартин Серафимов и Игор Ѓоргиев, двајца стартери и тоа не може да се надмине без проблеми, особено на дерби меч.
Домашниот тим прв почна да греши, Вардар тоа го казни и стигна до плус четири гола преднос по 25 минути игра. Од 14-15, резултатот стана 15-19, но до крајот на полувремето, Алкалоид ја преполови негативата и намали на 17-19 што беше и конечен резултат по 30 минути игра.

Во вториот дел, не можеше а да не излезат на виделина сите предности и маани што ги имаа актерите на дербито.

Алкалоид има одлично изграден тим, има речиси изграден систем на игра што дава резултати. Изгледа добро, резултатски е рамноправен, блиску е, дури и поблиску отколку што би требало според теоријата. Но, во ваков состав, посебно без Серафимов и Ѓоргиев, без посебен Х фактор, не може да го добие Вардар. Особено не Вардар, кој игра „ол ин“ во трка за шампионски пехар.
Девет странци на терен, си се девет странци на терен.
Тоа се готови производи, соодветно платени професионалци од повеќе држави, внимателно избрани легионери меѓу кои и ведети како Димитро Хориха и Јака Малус што Иван Чупиќ одлично ги менаџира од позиција на тренер и знае како да ја подготви и води екипата.

Два до три гола разлика предност за Вардар е одликата на движењето на резултатот во второто полувреме. Вардар не беше прекомотен, Алкалоид притискаше, но недостасуваше финалниот допир.
Натпреварот беше прекршен во 55 минута кога Вардар додека водеше со три гола разлика го препозна моментот и успеа да се одбрани и да поведе со плус четири (33-29).

Алкалоид имаше една полушанса да се врати во игра при резултат 31-33, но Тордарсон од добра позиција шутираше директно во Гогов. Потоа Алкалоид успеа со пресинг да го принуди Вардар да одигра побрзо и да шутне од неизградена позиција, но тоа беше доволно само за минимална негатива. Девет секунди останаа и Вардар во посед на топка што беше доволно за нов триумф на првиот фаворит за шампионската титула сезонава.

Поврзани вести