ВАРДАР 1961 – БЕНФИКА 33-27 (15-14)
Малус 9, Воркапиќ 8 – Франка 5, Фереира 5
Екипата на Вардар 1961 со импресивна победа над Бенфика од шест гола разлика се пласираше во Плејоф на Европската лига и тоа најмалку како второпласиран тим во групата. Сега дури има шанса и да оди директно во 1/4 финале доколку остане непоразен во последното коло, на гостинскиот терен против Мелзунген.
Екипите на Бенфика и Кристијанштат, во последното коло во Лисабон меѓусебе ќе решат кој ќе биде третиот тим од групата што ќе се пласира во елиминациите.
Вечерашниот меч меѓу Вардар и Бенфика имаше помалку хоатични дваесетина минути одбележани со пет одбрани на Милош Валах, два нетипични контрнапади на Милан Лазаревски и водство од на Вардар од два до три гола разлика.
Можеше и повеќе да профитира црвено-црниот тим доколку имаше повеќе концентрација, а тоа беше причина и за тајм аут на Иван Чупиќ пред последните 10 минути од првиот дел. Немаше голема промена до крајот на полувремето што заврши со ефектен гол на Кавалканти од слободен удар преку живиот ѕид на Вардар за конечните 15-14.
Бенфика се одржуваше во игра само во воведните десет минути од вториот дел. Откако Вардар во 40 минута поведе со 23-19 се отвори и втората можност, а тоа е победа повисока од пет гола и заверка не само на пласман во 1/8 финале туку и сигурно второ место во групата.
Оттогаш во следните 20 минути битката се водеше во таа насока.
Повеќе играчи на Вардар имаа свои моменти и заслуги, но одново Јака Малус кој ги преседе првите 15 минути од средбата беше играчот број еден со девет постигнати голови и продори што Португалците не можеа да ги запрат.
Конечно, Вардар поведе со 33-27, а гостите се изгубија во просторот и времето во последниот напад и не се ни обидоа да шутнат на гол за евентуално да намалат на пет гола разлика, па Вардар во соблекувална замина со обезбедено второ место и можност да го нападне првото.