РК АЛКАЛОИД – РК ВАРДАР 1961 28-33 (16-18)
Сала: „Парк“ во Струмица. Судии: Ненад Николовски и Исмаил Металари. Делегати: Лери Мирчески и Бобан Мајнов
РК АЛКАЛОИД: Галевски, Кизиќ, Џонов 1, Тордарсон 2, Маркоски 1, Стојковиќ 2, Велковски, Симоноски, Ивановски, Ненад Костески 4, Петковски 1, Д. Митев 6, Борзаш 4, Аларов, Николов 4, Ѓорговски 3
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 4 мин.
РК ВАРДАР 1961: Валах, Гогов, Стојановски, Воркапиќ 5, Боно 1, Георгиевски 4, Митровиќ, Танкоски 1, Лазаревски, Марчињак 1, Тузолана 6, Хориха 3, Атанасовски, Да Силва 2, Малус 9, Јанковски 1
Седмерци: 2/3 Исклучувања: 10 мин.
Во финалето на Куп на Македонија, во недела во Струмица ќе се сретнат екипите на РК Вардар и ГРК Охрид.
Вечерва во Струмица, Вардар 1961 славеше победа над Алкалоид и стана вториот финалист во ова натпреварување.
Вардар беше фаворит и пред натпреварот, а неговите шанси да се пласира во финалето дополнително се зголемија откако Алкалоид истрча на терен без Марко Митев и од претходно без Игор Ѓоргиев, Ненад Костески и подолго отсутните Серафимов и Карасманакис.
Сеедно, Алкалоид почна подобро, поведе со 5-2, а во меѓувреме поради опасен старт директен црвен картон доби Урош Митровиќ. Тоа ги подразбуди ракометарите на Вардар кои засилија во одбраната и стигнаа до 5-5, а потоа и го преземаа водството.
Јака Малус го поведе Вардар кон финалето. Словенецот без премногу тактизирање успеваше да се пробие низ зоната на сините и индивидуално да ги решава работите. Му се приклучи и голманот Милош Валах и работите тргнаа на добро за постариот скопски тим.
Ракометарите на Кирил Лазаров мораа повеќе да комбинираат и да работат за да постигнат гол затоа што немаат толку широк играчки ростер.
Тоа не беше едноставно, Вардар играше релативно добра одбрана и полека ги трошеше опциите на противникот во напад.
Екипата на Вардар 1961 во еден момент поведе со четири гола разлика, но брзо се вратија ракометарите на Алкалоид и на полувреме резултатот беше 16-18. Во меѓувреме, директен црвен картон заработи и Милан Лазаревски поради груб старт над Филип Николов.
За очекување беше во вториот дел Вардар 1961 да има подоминантна улога поради подолгата клупа и тоа почна да се остварува уште од почетокот. Двата гола разлика по само неколку минути станаа четири, потоа пет и потоа беше комплетно ослободен од притисокот Вардар 1961 и почна да игра полесно, а од другата страна се помалку сила имаше во одбраната на Алкалоид и Вардар почна да постигнува и лесни голови и предноста почна да расте од минута во минута.
Поврзани вести