ЦЕЛЈЕ ПИВОВАРНА ЛАШКО - ГРК ОХРИД 27-26 (15-11)
Екипата на Охрид се враќа од Целје со минимален пораз и голема шанса да се пласира во финалето на ЕХФ Европскиот Куп.
Вечерва во Целје се одигра интересен натпревар на кој тешко беше да се предвиди завршницата имајќи ги предвид подемите и падовите на двата состави.
ГРК Охрид почна фуриозно и поведе со 6-0 пред домашните да го постгинат првиот гол. Цели 10 минути Словенците го бараа патот кон мрежата на Пилиповиќ. Не им одеше од рака ништо. Дури и кога имаа чисти ситуации трепереше раката.
Дека тоа ќе трае вечно се знаеше дека нема, прашањето беше како Охрид ќе одговори кога Целје ќе фати ритам и ќе почне да дава голови.
Не одговори никако.
Овој меч беше школска демонстрација на непишаното правило дека одбранат го добива натпреварот, а нападот го губи.
Целје ја среди својата одбрана и Охрид не знаеше што да прави. Особено по водството од 10-7 кога домашните влегоа во ритам. Повеќе од 10 минути Охрид не постигна гол. Целје поведе и со 15-10, пред Ќосевски да го прекине постот во последните секунди од полувремето за намалување на 11-15.
Сето ова домашните го направија без единствениот десен бек во екипата, Жига Млакар кој во 21 минута, при резултат 10-10 доби директен црвен картон.
Вториот дел почна израмнето, Охрид за нијанса подобра екипа, но брзо фати ритам домашниот тим и поведе со 22-15. Тоа беа максималните седум плус за домашната екипа, а големо благодарам охриѓани можат да му кажат на голманот Пилиповиќ кој спречи овој меч да се претвори во катастрофа.
Но, почна и да „дивее“ во играта домашниот тим. Виското водство ги разгали домашните ѕвезди и почнаа да играат индивидуално, се обидуваа да изгледаат атрактивно и тоа брзо им се врати.
ГРК Охрид ја среди својата одбрана и почна да го топи водството. Во ситуација кога секој гол може да значи финале, двата тима имаа свои доби и лоши моменти. Во последната минута Охрид напаѓаше за минус еден, но не погоди. Потоа Целје напаѓаше за плус три и не погоди со тоа што остави малку време за македонскиот тим, кој сепак успеа да погоди и дома се враќа со само еден гол минус.
Реваншот ќе се игра во Охрид на 2 мај. На ГРК Охрид за пласман во финалето му е потребна победа од најмалку два гола разлика. Ако мечот заврши со победа од еден гол за Охрид, ќе се изведуваат пенали.