Кузмановски тргна со победа во азиската ЛШ

Филип Кузмановски имаше одлично деби за екипата на Ал Кувајт на дуелот со Ал Араби (27-22), екипа што од клупата ја предводи македонскиот тренер Данило Брестовац.
Пет гола од пет обиди имаше Кузмановски и заедно со поранешниот ракометар на Металург, Владан Липовина беа најефикасните ракометари на Ал Кувајт, следени со четири гола на Виктор Итуриза.
Клучна на овој меч беше серијата од 4-0 што Ал Кувајт ја направи рано на натпреварот од 4-4, до 8-4. Потоа умешно ја одржа до крајот.
Кувајт добива и големо засилување, затоа што по повредата на Франскис Марзо го ангажираа бразилскиот бек на Монпеље – Брајан Монти.

Вкупно 14 одбрани на поранешниот голман на Е. Пелистер, Карим Хендави не го спасија од пораз тимот на Ал Духаил на мечот со кувајтскиот Бурган каде што македонскиот Јапонец Косуке Јасухира постигна четири погодоци, а Мохамед Мошен беше најдобриот стрелец со седум гола вклучително и голот во последната минута за тесна победа од 29-28.

Во првото коло на Азискиот шампионат, победа запиша и екипата на Ал Калеј (32-30) над тимот на Шарјах. Димитро Хориха постигна шест гола за победничкиот состав, а поефикасен од него беше само соиграчот Ал Сајад кој беше стрелец на девет погодоци.


РЕЗУЛТАТИ:
Ал Кувајт - Ал Араби  27-22
Ал Калеј - Шарјах  32-30
Бурган - Ал Духаил 29-28
Ал Најма беше слободна

 

Поврзани вести