Денеска е многу важен ракометен ден, особено за македонската репрезентација која од сенка ја чека својата шанса за мундијалски настап што може да не одведе и во квалификации за Олимписки игри.
Попладнево со почеток во 18:00часот во познатата минхенска пивница Hofbrauhaus ќе биде извршена ждрепката за Прелиминарната фаза од Светското првенство што ќе се одржи во Германија во јануари 2027 година.
Списокот на учесници е комплетиран и 32-те репрезентации ќе бидат поделени во четири шешири со по осум екипи. Од нив ќе се формираат осум групи со по четири екипи.
Три екипи од секоја група ќе продолжат во Главната рунда. Вкрстуваат по принципот А/Б, Ц/Д, Е/Ф, Г/Х. Ќе се формираат четири групи со по шест тима, а бодовите од групната фаза се пренесуваат.
Двете најдобри од секоја група продолжуваат во 1/4 финале. Во финалниот ранкинг, најдобрите третопласирани ќе бидат рангирани од 9-12 место, четвртопласираните од 13-16 место... И тоа е битен момент затоа што најдобро третопласираната екипа ќе има шанса да влезе во олимписките квалификации.
Во денешната ждрепка, Македонија според ранкингот на државите, ќе биде во вториот шешир.
Постои идеално сценарио за кое веќе пишувавме, според кое Македонија ако биде во групата „А“ со Германија и добие полесни противници од шеширите 3 и 4, а Аргентина биде во групата „Б“, а и таму од шеширите 3/4 има полесни тимови, тогаш Македонија ќе има отворен пат кон 1/4 финале.
Што всушност нѐ очекува денеска?
ПРВ ШЕШИР: Германија е најдобрата опција за нас, особено ако Аргентина биде во групата „Б“. Следно би било да сме во групата „Ф“ каде што од прв шешир е сместена Португалија. Тоа би донело вкрстување со Шведска, но и со уште една екипа од вториот шешир.
ВТОР ШЕШИР: Македонија како екипа од вториот шешир во Прелиминарниот дел нема да се сретне со некој од вториот ред на носители. Но, во вкрстувањето ќе имаме и таков противник. Идеално, одново ја бираме Италија, затоа што тоа значи играње во групата „А“. Но, ако не се отворат така картите, тогаш од вториот шешир најдобро вкрстување би било со Ф. Острови или Србија, а најлошото Шпанија и Франција.
ТРЕТ ШЕШИР: Да се избегне Бразил е најдоброто сценариот. Бразилците имаат многу силен тим во кој играат Брајан Монте, Ханиел Лангаро, Рожерио Мораеш, Тиагуш Петруш итн.
Вториот тим што сакаме да го избегнеме е Полска. Беа во надолна линија, но се кренаа во баражот и генерално би сакале да избегнеме дуели со типови како Сичко, Гебала итн.
САД и Чиле се идеалните противници од третиот шешир, а можен е и исторски прв дуел со Грција на Светско првенство.
ЧЕТВРТИ ШЕШИР: Да се избегне Јапонија е идеален епилог од последниот шешир. Видовме на контролните натпревари во Куманово дека со овој супербрз тим не се излегува лесно на крај. Уште и ако ги вратат во тимот „охриѓаните“ Косуке и Шуицу и незгодниот Фуџисака ќе бидат тим за втор, а не за четврти шешир.
ГРУПА А – МИНХЕН
Германија (прв шешир)
ГРУПА Б – ШТУТГАРТ
Италија (втор шешир)
Египет/Аргентина (прв шешир)
ГРУПА Ц – МИНХЕН
Хрватска (прв шешир)
ГРУПА Д – ШТУТГАРТ
Франција (втор шешир)
Египет/Аргентина (прв шешир)
ГРУПА Е – КИЛ
Шведска (прв шешир)
ГРУПА Ф – МАГДЕБУРГ
Португалија (прв шешир)
ГРУПА Г – КИЛ
Данска (прв шешир)
ГРУПА Х – МАГДЕБУРГ
Исланд (прв шешир)
НОСИТЕЛИ ВО ЖДРЕПКАТА
ПРВ ШЕШИР: Германија, Египет, Аргентина, Хрватска, Шведска, Португалија, Данска, Исланд
ВТОР ШЕШИР: Македонија, Србија, Ф. Острови, Италија, Франција, Шпанија, Словенија, Норвешка
ТРЕТ ШЕШИР: Грција, Полска, Бразил, Бахреин, Тунис, САД, Капе Верде, Чиле
ЧЕТВРТ ШЕШИР: Катар, Алжир, Ангола, Јапонија, Кувајт, Уругвај, Турција, С. Арабија
Поврзани вести