Photo: IHF/International Handball Federation
Време е за новиот Фајналфор на Лигата на шампионите, најпознатиот и најуспешниот клупски продукт на Европската ракометна федерација (ЕХФ), турнир што од 2010 година се игра во Келн. Атрактивноста на последниот викенд од сезоната, ВИП настанот за ракометниот крем низ Европа и организациската атрактивност што ја има само на Ф4 турнирните, успешно ја прикриваат големата слика за клупскиот ракомет во Европа, кој одамна нема нешто ново да понуди. Особено изразено по Ковид сезоната во 2020.
Годинава е целосна реприза на ланската, а за да не биде копи-пејст, се погрижи ждрепката која ги измеша полуфиналните парови.
Така „место“ Барса-Магдебург и Берлин – Алборг како што беа лани, денеска во полуфиналето ќе ги гледаме Берлин – Магдебург (15:00) и Барса – Алборг (18:00).
Тоа е големата промена од лани.
Во последните пет години, пак... лани шампион Магдебург (2025), пред тоа Барса (2024), пред тоа Магдебург (2023), пред тоа Барса (2022), па Барса (2021). Одамна беше, во прекинатата Ковид сезона кога некоја друга екипа беше на тронот. Кил во 2020, Вардар во 2019, Монпеље во 2018, Вардар 2017...
Келн е ракометната престолнина на Европа и Ланксес Арена ќе биде полна, во тоа нема сомнеж. ЕХФ Ф4 е годишен настан за кој одамна билетите се продадени и поделени, а искуство во организација на овој настан имаат 15 години. Годинава, Германците како соло оргнизатори и ја надминаа ЕХФ, откако организираа „Ф4“ во Куп на Германија што се играше на лед подлога, а тоа даде поинаква димензија на настанот.
Ланските финалисти Магдебург и Берлин годинава ќе го отворат настанот со меч од 15:00 часот. Последни заеднички натпревари во клупски дрес за тандемот Матијас Гидсел – Ласе Андерсон. Големи имиња во ракометниот свет се овие двајца дански репрезентативци. Андерсон иако му се отвори и таква опција, го одби Берлин за продолжување на договорот и реши следната сезона да игра во Втората лига во Данска, во екипата на Хој Елит. Нема Берлин долго да жали, наскоро таму ќе стигне Симон Питлик и ќе се формира нов тандем, познат по настапите кај апсолутниот првак – Данска. И уште кога ќе им стигне и Дика Мем по една сезона, ќе биде тоа комплетно нова приказна.
На спротивната страна, двократниот МВП на Фајналфор турнирите и сопственик на два шампионски пехара – Гисли Кристијансон. Покрај него игра Феликс Клар, еден од најдобрите, но и најпотценетите ракометари. Посебен Ф4 ќе биде за Тим Хорнке и Кристијан О’Саливен кои ја завршуваат кариерата во недела.
Овој натпревар почнува во 15:00 часот и директно ќе биде пренесуван на МТВ - 3 и на ТВ Арена М2 Премиум.
Од 18 часот се среќаваат Барса и Алборг. Никлас Ландин против Емил Нилсен, Дика Мем против Сандер Сагосен, Домен Макуц против Томас Арнолдсен. Полни се со ѕвезди двата тима и стари и млади. И најдобри и некогаш најдобри.
Фаворити на Фајналфор – нема. Но, кога на терен е 11 кратниот европски шампион и тоа желен за освета по ланскиот пораз во полуфиналето – фаворит може да биде само тој. Антонио Ортега има шест шампионски пехари како играч и два како тренер – сите освоени со Барса. По деветтата титула оди откако потпиша нов договор со клубот што му ги овозможи сите овие успеси. Во ростерот го имаат и најдобриот стрелец на Ф4 турнирите, Алеиш Гомез. Засега со 88 гола ја предводи листата на која веднаш зад него се Микел Хансен, Дика Мем и Кирил Лазаров.
Ова е последниот викенд за најдобриот светски голман Емил Нилсен во дресот на Барса. Следната сезона ќе игра за Веспрем. Заминува и Домен Макуц, следната сезона ќе игра во Кил.
Овој натпревар почнува во 18:00 часот. Ќе биде пренесуван на МТВ -3.
Поврзани вести