Барса е во големото финале на ЛШ

БАРСА – АЛБОРГ 37-32 (28-28, 15-11)
Гомез 7, Фраде 6 – Арнолдсен 5, Блонц 5


Екипата на Барса ќе игра во финалето на Лигата на шампионите откако попладнево во Келн го совлада тимот на Алборг по продолженија (37-32).
Текот на натпреварот не навестуваше драматичен финиш, уште помалку продолженија. По воведните минути и 4-4, Барса се одлепи на предност од четири гола. Алборг успеваше да намали најмногу на минус два, но веднаш Барса се враќаше на плус четири и на плус пет разлика. И така беше буквално цел натпревар. Алборг ќе се доближеше, Барса ќе се оддалечеше и имаше комплетна контрола врз натпреварот.
Но, во финишот работите добија драматичен пресврт во корист на Алборг. На десетина минути до крајот прв пат стигнаа до минус еден гол разлика, а потоа данскиот тим проблемите во нападот ги решија со игра „7 на 6“. Почнаа да грешат каталонските ракометари, веќе не го контролираа натпреварот и Алборг успеа и да поведе во еден момент.
Имаа последен напад на нерешено Данците, но не одиграа добар напад. Трошеа време, комплицираа и на крајот за малку ќе беа казнети. Но, нерешено заврши регуларниот дел од натпреварот и мечот отиде во продолженија.
Дефиницијата дека играта „7 на 6“ е меч со две острици не е само флоскула, Алборг демонстрираше во продолженијата. Поведоа во продолженијата, но почнаа да грешат. Барса се прилагоди и нивните грешки ги претвори во лесни голови на празна мрежа. Постигна три такви по ред и стигна до водство од 33-30, по што играта на Алборг комплетно се распадна и на крајот мечот заврши со пет гола разлика, а таа е најголемата разлика што Барса ја имаше во текот на средбата.
Утре во мечот за третото место ќе се сретнат Алборг и Магдебург, а во големото финале ќе играат Фуксе Берлин и Барса.

Поврзани вести