Foto: Rukometni savez Srbije/RSS
Германскиот Фуксе Берлин е во финалето на Лигата на шампионите, втор пат во две години. Овој пат, преку актуелниот првак Магдебург во меч кој беше решен во последните 10 минути, откако на голот се разгоропади поранешниот вардарец Дејан Милосављев.
Неговите одбрани беа клучни, како и многупати во текот на Бундеслигата и кога лани стана шампион и кога сезонава го освои второто место.
Дејан Милосављев заминува од Фуксе Берлин, негова следна дестинација е полскиот тим Келце. Одлука за која се знаеше одамна, но дури вчера Милосављев се „отвори“ пред германските медиуми и објави што претходело на одлуката.
Ќе им биде жал на „лисиците“ кога ќе прочитаат, Дејан Милосављев воопшто немал намера да си оди од Берлин, но инертноста на клубот го довела до клучната одлука.
„Планот беше уште пред две години да го продолжиме договорот. Се трудевме да добиеме постојана виза, дури и германски пасоши. Децата ми се родени овде и тоа многу ми значи. И јас чекав, чекав, чекав... Им сигнализирав во клубот дека добивам понуди, потоа им кажав дека морам да донесам одлука. И одново чекав прво еден месец, потоа уште десет дена... Кога конечно добив понуда од Берлин, тоа беше добра понуда, но веќе беше предоцна. Имав донесено одлука и се договорив со Келце.
Ако во јануари 2015, февруари, март или април или во мај добиев понуда од Берлин немаше да заминам од клубот. Но, ова не е фудбал каде што добиваш 15-20 понуди. Ако на добиена понуда не одговориш на време, ќе најдат друг. Така стојат работите“, изјави Милосављев додавајќи дека секоја помисла дека заминуваат во неговото семејство е испратена со солзи.
Солзи бездруго ќе има многу и попладнево кога официјално ќе се раздели со Берлин. Дали ќе бидат измешани со радосници, ќе покаже финалниот меч.
Поврзани вести